Спасовски: Безбедноста во сообраќајот од поодамна е примарна тема од поширок јавен интерес

Сподели

-“Безбедноста во сообраќајот, и од аспект на актуелните статистики по однос на сообраќајни несреќи и штетите од нив, но и од аспект на економското значење на сообраќајот – од поодамна e примарна тема од поширок јавен, односно општествен интерес, а во неа нужно своја важност има улогата и местото на сообраќајната едукација, како во контекст на превенцијата, така и во контекст на безбедното одвивање на сообраќајот“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната трибина во организација на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори – “Обука -Л“, тематски посветена токму на местото на автошколите во образовниот процес и безбедноста во сообраќајот што се одржа во Скопје.

Притоа, министерот Спасовски нагласи дека од стапувањето на сила на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата како и другите подзаконски акти, МВР презеде низа активности за побрзо и поефективно прилагодување и усогласување на правните лица кои вршат обука на кандидати за возачи (автошколите) со новата законска регулатива, која пак е во целост усогласена со Европското законодавство.

“Во текот на изминативе неколку месеци од страна на МВР направен е надзор над работата на повеќе од 80 проценти од правните лица кои моментално ја вршат обука на кандидатите за возачи.  Она што ќе биде примарен фокус на надлежните полициски служби од областа на сообраќајот во наредниот период, покрај заокружувањето на лиценцирањето на сите прави лица кои вршат обука на кандидатите за возачи, ќе биде и усогласувањето на категориите за коишто автошколите исполнуваат услови, согласно законската регулатива, без притоа да има било какви последици по самиот процес“, потенцираше Сапасовски.

Инаку на трибината насловена како “Автошколата – фактор за безбедноста на сообраќајот на патиштата“ присуствуваа претставници на автошколите, испитните центри, од Секторот за сообраќај при МВР, од Канцеларијата на ЕУ, од РСБПС, Техничкиот факултет од Битола. Тежиштето на дискусиите беше насочено кон квалитативно и нормативно подобрување на едукативниот процес и неговото влијание врз безбедноста во сообраќајот.  -“