Спасовски: Груевски сака да судри народ со народ

Сподели

oliver-spasovski-860x672

„На најбрутален начин, со употреба на полиција, вчера беше спречено елементарното право на студентите за слободен избор. Режимот во Македонија спроведе фалсификувани, криминални студентски избори“, обвини денеска на прес-конференција Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.

Тој побара министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, да си даде оставка и сите инволвирани да сносат одговорност за злоупотребата на специјалната полиција против студентите.

– Насилството врз студентите е реализација на намерата на Никола Груевски да се судри народ со народ. Исто така, ова е реализација на заканите на Ѓорге Иванов за употреба на безбедносните сили врз сопствените граѓани, врз студентите. Затоа беа направени и шверцерски измени на Законот за МВР, за да го зацврснат недемократскиот начин на владеење и употребата на сила. ВМРО-ДПМНЕ прави сè за во Македонија да не се создадат услови за решавање на политичката криза затоа што тие бегаат од слободни, фер и регуларни избори – рече Спасовски.

Тој додаде дека СДСМ ќе го поддржи протестот кој денеска го најавија студентите и ги повика сите граѓани да се приклучат.

Одговарајќи на новинарски прашања, Спасовски рече дека ќе продолжат со преговорите.

– Речиси секој ден ВМРО-ДПМНЕ прави по неколку непромислени и глупави постапки, но СДСМ не може да се води според расположението на Никола Груевски – изјави Спасовски.

Според него, вчерашните постапки на студентските избори беа неодговорни, но СДСМ смета дека сè уште има иднина и дека Груевски можеби конечо ќе се свести да направи добро за граѓаните.

За денешната изјава на евроамбасадорот Аиво Орав, Спасовски рече дека можно е многу бргу да се дојде до решение, но за тоа да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мора да покажат политичка волја.

meta.mk