Денеска на првиот работен ден од Новата година министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР оствари работна средба со раководството на Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.
На средбата Спасовски беше информиран за низата активности кои се преземаат со цел подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот како и намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, постигнување на повисок степен на поволна безбедносна состојба во сообраќајот на патиштата и воспоставување на поголема дисциплина кај учесниците во патниот сообраќај.
„Со задоволство можам да споделам со Вас медиумите дека во 2022 година Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во насока на подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот како и намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, бележи зголемување на вкупниот број на издадени прекршочни платни налози за 4.7% во споредба со 2021 година. Во истиот период бележиме зголемување за 48,49% на одземени возачки дозволи за возење под дејство на алкохол. Зголемување за 600% на санкционирани возачи на мотоцикл кои не носат заштитна кацига. За 50,53% бележиме зголемување на санкционирани возачи кои возеле под дејство на алкохол“, потенцираше Спасовски. Министерот потсети дека во 2022 година македонската полиција заплени повеќе од 130.000 парчиња пиротехника.
„Што се однесува за изминатата вечер, на територија на целата држава Новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир“, рече Спасовски, притоа заблагодарувајќи им се на сите граѓани кои што празнуваа и прославуваа одговорно така како што и беше апелирано со што придонесоа Новогодишната ноќ да ни помине мирно и безбедно така како што сите посакувавме.
Воедно, министерот Спасовски информираше дека во споредба со минатата година, имаме намалување за 30% на пријавени настани. Најголем број пријавени настани се на подрчајето на СВР Скопје, потоа СВР Охрид, останатите сектори имаат многу малку пријави, а СВР Велес нема ниту една пријава за нарушување на јавен ред и мир.