Спасовски на работилница:“Независна безбедносна служба на Собранието на РС Македонија“

Сподели

 

Министерството за внатрешни работи ја поздравува и поддржува предлог иницијативата за  осмислување и фундирање на нов безбедносен концепт наменет за потребите на нашиот Законодавен дом.

 

 

“Една од одликите на министерството во овие неколку години, меѓу другото, е нашата декларирана и потврдена заложба за целосна отвореност и подготвеност за реформирање на безбедносниот сегмент, негово организационо сообразување со највисоките нормативни и професионални стандарди со оние на безбедносните служби и практики на нашите партнери ЕУ и НАТО, како еден од стратешките државни интереси“, ова меѓудругото рече министерот Оливер Спасовски во своето денешно воведно обраќање на работилницата посветена на  предлог иницијативата на тема – „Независна безбедносна служба на Собранието на Република Северна Македонија“ што во рамки на Програмата за парламентарна поддршка на швајцарската Влада се имплементира од страна на Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија Социетас цивилис.

 

 

На настанот на кој свои воведни излагања имаа  претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на  Владата, Димитар Ковачевски и претставници од други релевантни институции и амбасади, министерот Спасовски потенцираше дека –“На етаблирањето на посебна безбедносна служба на Собранието на Република Северна Македонија гледаме  како на одлична можност – и во тој сегмент на безбедносно работење – да направиме значаен и квалитетен исчекор фундирајќи принципи, правила и стандарди што ќе бидат од корист на Парламентот како институција, во доменот на неговата внатрешна и надворешна безбедност, на неговото непречено и сигурно функционирање, и се разбира во поглед на отвореност и достапност на граѓаните“.

Притоа Спасовски нагласи дека МВР со својата стручна експертиза, но и конкретни организационо-професионални потенцијали стои на располагање во заедничкото конципирање на оваа идеја, дотолку повеќе што практични искуства, анализи, а секако и – законски надлежности и обврски на министерството нужно му ја наметнуваат улогата на незаобиколен институционален фактор во осмислувањето, градењето и функционирањето на посебна собраниска безбедносна служба.

 

 

Апострофирајќи ја неопходноста од меѓуинституционална координираност и соработка како кохезивен фактор во остварувањето на безбедносните задачи, особено од аспект на начелото на  таканаречената превентивна безбедност, министерот Спасовски го изрази своето очекување дека  оваа работилница, како и наредните примарно експертски средби околу натамошното разработување на сите идеи и предлози во насока на структуирање нов безбедносен собраниски систем, ќе дадат квалитетни одговори за трите клучни сегменти – нормативниот, техничкиот и професионалниот – од кои што ќе тргне градењето на посебната безбедносна служба.