Запознавање со основите и разликите на прењето пари и финансирање на тероризам, идентификување на високоризични клиенти и правилно следење и откривање на сомнителни трансакции. Ова се дел од целите на првата меѓународна конференција што се одржува во Скопје, во организација на Академијата за банкарство и информатичка технологија АБИТ.
На отворањето на конференцијата присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Јавната обвинителка Ленче Ристоска, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и експерти од Израел.
Министерот Спасовски потенцира дека проблемот со перење на пари е еден од базичните сегменти во финасирањето на терористички операции.
– Институциите задолжени за спроведување на законот треба и мора со соодветен интензитет да ја унапредуваат и прилагодуваат својата подготвеност за ефикасно спротивставување кон предизвиците што ги носи феноменот на перење пари. Особено во делот на квалитетно кадровско екипирање и нормативна поставеност и опсег. Логистиката во тие задачи мора да дојде токму од стручната и експертска фела, нагласи Спасовски.