Спасовски: За скандалот во Обвинителството ќе има одговорност! Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја инсталирал и кој ја користел

Сподели

Скандалот со снимањето во Јавното обвинителство покажува уште еднаш како функционирал режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Има сериозна истрага, во сите институции. До детали ќе се провери која била намената на оваа инсталација од минатото, дали и кој ги слушал разговорите во правосудството. Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја купил, кој ја инсталирал и кој ја користел – и секој кој што ги пречекорил овластувањата ќе одговара пред правдата! И ова ќе важи за секоја институција. Следува темелна проверка во секоја институција. Времето на снимање и прислушување заврши. Остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. За овој скандал ќе има одговорност- потенцираше Спасовски.

Спасовски побара раководството на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за нивните дејствија во времето кога оваа опрема била инсталирана.

-Мицкоски треба да одговори за неговата улога во власта кога бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Штетата што ја направи криминалното ВМРО-ДПМНЕ остави силни последици кои не можат да се отстранат преку ноќ, но ние нема да застанеме додека не го отстраниме остатокот од криминалот со цел да обезбедиме држава по европски правила. Свесни сме за грижата и критиката на граѓаните дека од режимот на Груевски се уште има остатоци низ општеството и институциите. Ве уверувам, силно сме посветени на деинсталирање на груевизмот – при тоа да не заборавиме дека цели 12 години траеше оваа криминална инсталација, во секој дел на општеството. Ние до сега имавме само година и пол за справување со оваа децениска катастрофа која и се случи на Македонија. Секој нов откриен случај од криминалното владеење на режимот ни дава дополнителен мотив да продолжиме уште посилно во борбата против корупцијата и во борбата за владеење на правото-рече Спасовски.