Чешката полиција уапсила вооружен маж кој се обидел да се вклучи во автомобилската придружба на Ангела Меркел за време на нејзината посета на Прага.
Британски „Мирор“ пишува дека е можно германската канцеларка да избегнала атентат.
Полицијата го запрела вооружениот маж, кој возел автомобил марка „мерцедес“. Локалните медиуми наведуваат дека во неговиот автомобил се пронајдени палка, солзавец, цементни блокови и лисици.
На порталот „Блеск“ објавена е видеоснимка на која се гледа како неколку полицајци разговараат со средовечен маж.
Портпаролот на полицијата, Јозеф Бокан, изјави дека мажот е осомничен за обид за насилство против државник.
– Благодарение на професионалната акција на полицајците, животот на Ангела Меркел не беше загрозен – изјави Бокан.
Тој додаде дека инцидентот го истражуваат детективи од Прага.