Спречени обиди за криумчарење лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, поголема количина цигари, мотоцикл, УПС уреди за напојување со електрична енергија и друга стока.

Спречен обид за криумчарење лекови на граничен премин Деве Баир. Запленети се пет парчиња ампули Genotropin GoQuick од 12 mg, 50 вијали Dysport, раствор за инјектирање чиј внес во државата подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и истиот е строго регулиран. При тоа во торбата на возачот покрај лековите, пронајдени се и 20 кутии со 170 кг мед, 177 парчиња чоколада, три килограми чај, како и над 40 парчиња фармерки со ознаки на заштитени марки.
Мобилен тим заплени над илјада парчиња стоматолошки материјали меѓу коишто, прибор за импланти, материјали за изработка на круни и мостови, материјал за пломбирање заби, средства за белење заби, стоматолошка гума и други стоматолошки материјали.

Запленети над 600 парчиња очила со диоптер за кои увозник не поседувал дозвола за увоз. Случајот е откриен во царинска испостава Гевгелија при контрола на разна стока со потекло од Кина којашто била пријавена за увозно царинење.
Службата за мобилен скенер на граничен премин Табановце спречи и обиди за криумчарење на УПС уреди што се користат за непрекинато напојување со електрична енергија.

Македонец се обидел преку граничен премин Табановце нелегално да внесе шест илјади евра, како и поголема количина облека, но и обувки, чанти и паричници коишто сакал да ги шверцува без за нив да плати давачки. Патникот со себе носел 16 илјади евра, при што согласно законот за девизно работење вратени му се десет илјади евра, а останатите се запленети.

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија и обид за шверц на мотоцикл за крос, пронајден во автомобил со германски регистарски таблички со кој патувал македонски државјанин. При контроли на граничниот премин откриени се и обиди за шверц на 20 парчиња каиши за затегнување стока печатач, над 70 парчиња облека, делови од уреди и друга стока што патниците не ги пријавиле на влез во државата, со цел избегнување плаќање давачки.

На граничниот премин Табановце е откриен и случај на прекршочно дело каде патник се обидел нелегално да внесе над две илјади парчиња разни предмети со религиозен карактер (дрвени крстови, плетени бројаници, бројаници од монистри и метални и дрвени приврзоци).
При контрола на три камиони и еден автомобил на влез во државата на граничниот премин Богородица се запленети 58 штеки цигари. Возачите на камионите ги скриле штеките на цигари на различни места, под душекот на креветот, во преградата за алат, но и во филтерот за воздух.
Над дванаесет парчиња употребувани делови за возила, како и нова пумпа за кочење за товарни возила, се пронајдени во багажникот на автомобил кој се пријави за влез во државата на граничниот премин Дојран.
