СПЦ забрани Македонија да го прослави Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“

Сподели

Патријархот Иринеј и Српската православна црква го отфрлиле барањето на македонскиот премиер Зоран Заев и забраниле Македонија да го прослави Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“.

Како што пишува српскиот портал „Ало“, раководството на СПЦ и патријархот Иринеј немаат намера да дозволат официјална делегација на Македонија, предводена од Заев, да го посети манастирот.

– Патријархот Иринеј е категоричен за забраната. Како што вели, сè додека не се поправи статусот на СПЦ и на нејзините свештеници во Македонија, нема разговори за можноста да се дозволи каква било делегација од Скопје да го посети манастирот во Србија и во него да го обележува Илинденското востание. Самиот патријарх Иринеј и патријаршијата повеќепати барале од македонските власти да се направи нешто по прашањето за статусот на српските свештеници во Македонија, но секогаш наидувале на ѕид во државните институции во Македонија. Патријархот Иринеј е лут и повеќепати повтори: „Нема шанси да дозволам во нашиот манастир да го слават Илинден. Тие сакаа нашите манастири на Косово да им ги дадат на Албанците, па сега не можат во нив да прават свои прослави“ – вели изворот на „Ало“ од патријаршијата.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, за порталот изјавил дека само СПЦ може да одлучи дали ќе одобри Македонија да има прослава во манастирот.

– Република Македонија секоја година ни испраќа барање за одржување прослава. Ние, како министерство и Влада, го проследуваме барањето до СПЦ, а оттаму воопшто не добиваме одговор. Тоа е така затоа што станува збор за манастир кој е во сопственост на СПЦ, така што тие мора да се согласат за ова прашање – вели Дачиќ.

Заев вчера во Сараево рече дека Србија е голем пријател на Македонија и дека се надева на дополнителни унапредување на односите меѓу двете земји. Тој, исто така, наведе дека сè уште не добиле одговор на барањето македонска делегација да го прослави Илинден во „Прохор Пчињски“.

meta.mk