Денешните избори за нов лидер на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) се одвиваа на транспарентен и демократски начин, со сите правила и регулативи пропишани во статутот и во правилникот за спроведување избори на СПУКМ, се тврди во соопштението на СПУКМ.
Оттаму велат дека изборите почнале во 9 часот на сите 23 факултети, точно навреме, а треба да завршат во 16 часот.
Студентскиот парламент ги обвини членовите на „Студентскиот пленум“ дека сакаат да ги спречат студентите да го искажат своето демократско право и дека отворено повикуваат на насилно отстранување на избирачките кутии.
„До 11.30 часот изборите поминуваат во најдобар ред, со мали тенденции од одредени групации, главно политички мотивирани од одредени политички структури. Од досегашните информации кои ни пристигнуваат од изборните комисии, таканаречениот „Студентски пленум“ има одредени тенденции и обиди за попречување на изборите, но досега нема никаков посериозен случај за инцидент. Имавме можност да видиме и директни повици од страна на „Студентскиот пленум“ за насилно отстранување на избирачките кутии, со што нивна крајна цел била спречување на студентите да гласааат и да го искажат своето демократско право“, стои во соопштението на Студентскиот парламент.
Од СПУКМ апелираат сите студенти да излезат и „да го искажат своето демократско право за избор на студентски лидер, со тоа што ќе се однесуваат во согласност со сите демократски начела“.
„Исто така, апелираме да не се повикува на насилство и на уривање на демократските процеси, бидејќи секое попречување право на сопствен избор е казниво со закон“, велат од СПУКМ.