Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Арбер Адеми, денес имаше средба со својот колега, д-р Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања во Германскиот парламент, во рамките на неговата работна посета на нашата земја.
Адеми се заблагодари за досегашната поддршка на нашите евроинтегративни процеси од страна на Германија, при што истакна дека земјата после 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, има позитивен исчекор во овој процес, по прифаќањето на Францускиот предлог, предложен од Претседателството со ЕУ на Франција, од страна нашата Влада и Парламентот. Истакна, дека во овој процес неопходно е единство на сите политички партии и од позицијата и од опозицијата, и дека се прават напори за поголема инклузивност во процесот. Земјата е во фаза на подготовка за почеток на преговорите по кластери и дека во овој процес е вклучено и Собранието, кое ќе има контролна улога врз Владата во однос на евроинтегративните процеси и ќе претставува форум за конструктивен политички дијалог, особено во однос на реформската агенда на ЕУ. Во врска со Францускиот предлог ја нагласи важноста за што покоро отпочнување на процесот за вметнување на Бугарската заедница, но и на хрватската и на други заедници во нашиот Устав, со цел започнување на преговорите по кластери.За најавениот референдум од страна на опозицијата за изјаснување на граѓаните против Францускиот предлог, истакна дека тоа ќе значи неизвесност и нови поделби во општеството. Во овие моменти, нагласи Адеми, потребна е трезвеност и совесност, на сите политички партии, со цел да не се ставаат дневно политички интереси во прв план, наспроти интересите на граѓаните и државата во целост.
Г. Хофрајтер, ја потврди заложбата на неговата земја за продолжување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, потсетувајќи дека Германија беше и иницијатор за Берлинскиот процес, кој предвидува поголема соработка на регионот и приближување кон ЕУ. Се согласи дека за продолжување на евроинтегартивниот пат на земјата од особена важност е промената на Уставот, што е предвидено и во Преговарачката рамка, со цел да се одблокира процесот.Притоа, ја нагласи подготвеноста на неговата земја да ја подржи Северна Македонија, во рамките на ЕУ, но и билатерално преку повеќе проекти во нашата земја.Во врска со војната во Украина ја поздрави одлуката на Северна Македонија да ги поддржи санкциите кон Русија, како и за неодамна дадената воена помош од наша страна на Украина.
На средбата, Адеми ја поздрави и поддршката на парламентарната комисија за европски прашања со која претседава г. Хофрајтер, како една од поважните комисии, за нас како земја кандидат за членство во ЕУ, имајќи предвид дека секое прашање во врска со процесот на проширување на ЕУ, треба да биде одобрено од оваа Комисија.