Средба Ангелов – Савада: Соработка во кризниот менаџмент

Сподели

 

Денеска директорот на Центарот за управување со кризи, г. Стојанче Ангелов, оствари работна средба со Неговата Екселенција, Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија во седиштетото на ЦУК во Скопје.
 
 
 
Беше разговарано за тековните состојби во рамки на националниот систем за управување со кризи, како и за планираните претстојни активности, главно поврзани со зајакнување на способностите на системот за превенција и одговор на ризикот од шумски пожари за претстојната летна сезона, а и за на долгогодишната соработка што ЦУК ја остварува со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) којашто се реализира преку имплементација на повеќе проекти од областа на управување со ризици од катастрофи во последните десетина години.
Притоа, директорот Ангелов изрази почит и благодарност за соработката во областа на кризниот менаџмент, посочувајќи од тој агол, на Јапонија како за пример за солидарност и пријателство во нашата држава што се огледува и е потврдено и преку проектите од стратешкиот кризен менаџмент, што се реализирани заедно – со и преку Центарот за управување со кризи (ЦУК), а се од големо значење и поддршка на Системот за управување со кризи (СУК).
 
 
 
Подетално се разговараше за реализацијата на активностите од тековниот проект за примена на екосистемски решенија за намалување на ризици од катастрофи (Еко-ДРР) во којшто се вклучени националните институции од областа на шумарството и животната средина, како и неколку Единици на локалната самоуправа. Во текот на следните неколку месеци во рамките на овој проект, во Република Северна Македонија е најавено дека се планира да бидат присутни повеќе експерти од Јапонија кои ќе соработуваат со претставници од вклучените институции од нашата држава.
Инаку, во текот на разговорите беше изразена подготвеност за заеднички посети на теренските локации на подрачјето на општина Радовиш каде што се применуваат (имплементираат) проектните активности.
 
 
 
Беше изразено взаемното задоволство од долгогодишната и успешна соработка, а посебно беше нагласено достигнувањето на ЦУК што од примател на поддршка прерасна во регионален  центар за ширење (провајдер) на добри практики и искуства, со што соработката со Јапонската агенција за меѓународна соработка во областа на управување со ризици од катастрофи е проширена на територијата на земјите од Западен Балкан. Имено, Црна Гора и Косово веќе започнаа проектна соработка, а се очекува вклучување и на други земји од Балканот.