Средба Бејли-Спасовски: Приоритет на МВР ќе биде реформата на безбедносните служби

Сподели

Приоритет на Министерството за внатрешни работи и на Владата ќе биде реформата на безбедносните служби, било истакнато на средбата меѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

Бејли на Спасовски му го честита изборот за министер за внатрешни работи, изразувајќи уверување дека во текот на неговиот мандат ќе бидат „постигнати значајни резултати, кои ќе претставуваат успех за министерството, но и за граѓаните на Македонија“.

„Амбасадорот Бејли и министерот Спасовски се согласија дека приоритет на Министерството, но и на Владата на Република Македонија ќе биде реформата на безбедносните служби, преку која ќе се овозможи воспоставување на професионална служба, која нема да биде под негативни политички влијанија. Исто така, тие истакнаа дека е особено значајно Министерството за внатрешни работи да ги почитува професионалните стандарди и системот на кариера за вработените“, стои во соопштението на МВР за средбата.

Тие истакнаa дека од особена важност е соработката меѓу двете земји во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, како и против корупцијата и криминалот.