Средба Џафери – Леки, државна МНР на Индија

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со Менакаши Леки, државната министерка за надворешни работи и за култура на Индија и пратеничка во Долниот дом (Лок Саба) на Парламентот на Индија.

 

 

Претседателот Џафери истакна дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и подготвеност за унапредување на соработката, особено преку комплетирање на нормативно-правната рамка и воспоставување на поинтензивна економска соработка. Тој оцени дека разликата во големината и бројот на население на двете земји, како и географската оддалеченост, не треба да претставуваат пречка за меѓусебното пријателство и добрите билатерални и мултилатерални односи и соработка.

Џафери посочи дека, покрај стратешките приоритети на надворешната политика – активностите во НАТО и идното членство во ЕУ, Република Северна Македонија придава големо значење на интензивирањето на соработката со земјите од Централна и Јужна Азија, со Индија во главен фокус. Тој ја нагласи потребата за поблиска соработка меѓу Република Северна Македонија и Индија na полето на економијата, културата и туризмот.

Претседателот на Собранието се осврна на учеството на собраниски службеници на обуките организирани од Институтот за парламентарно истражување и обука за демократии (PRIDE) на Парламентот на Индија и го нагласи интeресот за натамошно учество во програмите на овој Институт.

Државната министерка Менакаши Леки, се осврна на можностите за зголемување на билатералната трговска размена, нагласувајќи дека постои голем неискористен потенцијал за соработка, особено во областите на информатичката технологија, здравството, финансиските услуги и образованието. Во таа насока, таа предложи потпишување на договор за мобилност и миграциски текови меѓу Индија и Северна Македонија, по примерот на договорите што Индија ги има потпишано со бројни пријателски земји.

Подвлекувајќи дека Индија, како најголема и најстара демократија во светот, придава големо значење на меѓу-парламентарната соработка, таа оцени дека треба да се разгледаат можностите за долгорочна соработка меѓу  Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Индија, особено преку програмите на истражувачкиот институт на Индискиот парламент.

На средбата стана збор за состојбите во земјава и во регионот на Западен Балкан, особено во поглед на евроатлантските интеграции, а беа разменети мислења и за парламентарните процедури и практики.

На крајот од средбата, соговорниците изразија надеж дека оваа средба ќе преставува поттик за продлабочување на односите и соработката меѓу двете пријателски држави и меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Индија.