Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешката Република при што, потенцираше дека односите со Чешката Република се карактеризираат со традиционално пријателство и соработка, со постојан политички дијалог и взаемна соработка. Изрази благодарност за зголеменото вреднување на геополитичкото значење на Западниот Балкан, особено по мигрантската криза од 2015 година кога се зголеми интересот земјите од Западен Балкан да бидат дел од Унијата.
Претседателот Џафери истакна дека Вишеградската група е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западен Балкан за добивање на членство во ЕУ и изрази очекување дека таа соработка ќе продолжи и во иднина, имајќи ја во предвид недвосмислената поддршка за зајакнување на партнерството. Тоа ќе доведе до унапредување на инфраструктурните врски помеѓу Европската унија и Западниот Балкан, како и на принципот на добро владеење. Информираше и за евроинтеграцискиот процес на земјата, при што истакна дека се очекува процесот на скрининг да тече според утврдената динамика, за потоа да отпочне процесот на уставни измени.
Министерот Липавски искажа задоволство од средбата и можноста да таа се одвива во Собранието на Република Северна Македонија, како една од најважните институции во секоја земја членка на ЕУ. Потенцираше дека зачленувањето на Република Северна Македонија во ЕУ мора да биде клучен национален интерес на сите политички чинители во државата знаејќи дека тој процес е многу долг, болен, со потреба од правење на коренити промени во законската регулатива на земјите кандидати за членство. Потребно е сите важни политички одлуки да се носат со консензус и истото добро да му се објасни на граѓанството во земјата. Тој укажа дека нашата земја мора да продолжи со реформскиот пат и да ги направи сите потребни промени за што поскоро да стане членка не ЕУ, а Чешката Република секогаш ќе биде на страна на Република Северна Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека, времето што доаѓа носи предизвици и затоа е потребна поголема меѓусебна соработка и поддршка, со цел Република Северна Македонија да може да напредува на својот европски пат и да ги надмине тешките предизвици со кои се соочува.