СРЕДБА ИВАНОВ-ЕРДОГАН: РАЗГОВОРИ ЗА БОРБАТА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ И МИГРАНТСКАТА КРИЗА

Сподели

PRM-PRT (1)

Претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Турција, денеска во Истанбул се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели биле билатералните односи и соработката, со акцент на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и на економските односи.

На средбата претседателот Иванов изразил сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во Југоисточна Турција.

Турскиот претседател Ердоган изразил сочувство и жалење за поплавите од 6 август. Во тој контекст, претседателот Иванов се заблагодарил за помошта од Турција.

На средбата е договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза.

Двајцата претседатели се согласија за потребата од потесна билатерална соработка, но и од соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.

На средбата двајцата претседатели разговарале за актуелните политички и економски состојби во двете земји, при што претседателот Иванов повторил дека Македонија ја поддржува демократски избраната влада на Турција.

Претседателот Иванов истакнал дека го поддржува нормализирањето на состојбите во Турцијa и повикал на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид насилство и крвопролевање.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Турција на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во рамки на посетата на Турција, Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на третиот мост над Босфор, Јавуз Султан Селим.

На свеченото отворање ќе присуствуваат и бројни државни претставници, меѓу кои претседавачот со претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Владата на Бугарија, Бојко Борисов, и кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Калифа.