Средба Керим – Јаневски: ТУК и Агенцијата се лојални партнери за промоција на туризмот

Сподели

 

Претседателот на Туристичко-угостителска комора, Аркан Керим денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски на која се разговараше за можностите за унапредување на соработката меѓу двете институции со цел подобра промоција на нашата земја како одлична туристичка дестинација. На средбата присуствуваше и претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, кој ја истакна отвореноста и подготвеноста на соработка на највисоко ниво.

„Ова е наша прва работна средба откако ја преземав претседателската функција во Туристичко-угостителската комора, во насока на претставување на приоритетите на кои ќе работи Комората во наредниот период, а кои веруваме дека доколку ги организираме со заеднички пристап ќе дадат многу подобри резултати. Агенцијата за промоција на туризмот е наш важен партнери и во таа насока Сојузот е подготвен за лојална соработка и меѓусебна поддршка“, истакна Керим на средбата.

Соговорниците се заложија заеднички да работат за да се постигне поставената целта во 2022 година да се реализираат 2.5 милиони ноќевања и да се оствари 400 милиони долари приход од туризмот и угостителството во македонската економија.

На средбата се разговараше и за заеднички настап на реномирани саеми, меѓу кои и 43-от  Саемот за туризам, кој овој месец ќе се одржи во Белград. 

„Туристичко-угостителската комора е организација на врвни професионалци во туристичката индустрија, со изградени релации и воспоставена комуникација со нашите колеги од други земји. Користејќи ја оваа мрежа на комуникации, а вклучувајќи ја во активностите и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе направиме значаен исчекор во привлекувањето на туристи од европските земји, регионот и пошироко“, истакна Керим.

Новиот претседател на ТУК беше избран минатата недела на Собрание на Комората, каде ги претстави приоритетите на своето делување и најави реформирање на Комората.