Делегација на Собранието предводена од претседателката на Комисијата за здравство, Мирсада Емини-Асаниод 27 до 30 јануари престојува во Берлин, Сојузна Република Германија, по покана од претседателот на Комисијата за здравство во германскиот Бундестаг.
За прв пат се организира ваков вид соработка меѓу две парламентарни комисии од областа на здравството.
Во рамките на Програмата, Делегацијата од Собранието на РСМ оствари средби со: Ервин Ридел, претседател на Комисија за здравство; Харалд Вајнберг, заменик-претседател на Комисијата; дел од членовите на Комисија за здравство, како и со претставници на Сојузното министерство за здравство и Националната асоцијација за законското осигурување во Германија.
Предмет на разговори беа следните теми: работата и начинот на функционирање на Комисијата за здравство, системот на законското здравствено осигурување во Германија, улогата на Сојузното министерство за здравство во националниот законодавен процес и др.
За време на средбите, претседателката на Комисијата за здравство, Мирсада Емини-Асани и членовите на Комисијата водеа мошне конструктивни и стручни дискусии за системот на здравствена заштита и здравственото осигурување на РСМ, начинот на функционирање и остварување. Не постои идеален здравствен систем, но концептот на германскиот здравствен систем е компатибилен и прифатлив. Притоа, беше нагласено дека во контекст на евроинтегративните процеси и поддршката што ја дава Германија во процесот на проширувањето на Европската Унија, од суштествено значење е добивање информации, споделување на искуства, како од нормативната, така и од апликативната здравствена дејност. Собранието на РСМ, како законодавен дом, потребно е да донесува квалитетни закони од здравствената заштита во согласност со европските стандарди и практики.
Делегацијата оствари средба и со ЕУ известувачите на Комисијата за здравство во Германија и тоа: д-р Георг Кипелс, д-р Роби Шлунд, д-р Виланд Шиненбург и д-р Кирстен Каперт-Гонтер. Секако, тема на разговор беше националната здравствена политика и европското законодавство.
Во разговорите се констатира дека Германија како стратешки партнер е значајна во процесот на европските и евроатлантските аспирации на РСМ.
Германија дава поддршка на напорите на нашата земја во исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда. Во оваа смисла и размената на позитивни искуства, помеѓу двете парламентарни комисии е од исклучително значење и во иднина треба да продолжи овој вид соработка.