Средба на министерот Муцунски со македонската дијаспора во Шведска

Сподели

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, оствари средба со претставници на дијаспората и се сретна со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.

Во рамки на посетата, во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски оствари средба со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата.

Во текот на утрешниот ден, предвидено е министерот Муцунски да оствари повеќе политички средби на високо ниво, меѓу кои и средбата со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.