На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна
Македонија Талат Џафери со романскиот амбасадор Н.Е. Виорел Станила,
се потенцираше досегашната пријателска и конструктивна соработка меѓу двете земји и во таа насока, претседателот Џафери се заблагодари за досегашната голема
поддршка што Република Романија и ја даваше на нашата земја на патот кон
полноправно членство во НАТО, како и силната и недвосмислена поддршка за
добивање на датум за започнување на преговори со ЕУ и изрази надеж дека и во
иднина оваа поддршка и соработка меѓу двете страни ќе продолжи со ист интензитет.
Романскиот амбасадор му упати честитки на претседателот Џафери за
неговиот втор мандат како прв човек на Собранието, изрази задоволство и пофалби
за неговата работа како и за целокупната досегашна соработка со романската
амбасада. Амбасадорот Станила искажа задоволство што конечно на Република
Северна Македонија и се отвора можност после три децении, да стане членка на
Меѓународната организација Црноморска економска соработка/БСЕК, со која во
моментов претседава Република Романија. Претседателот на Собранието го увери
својот гостин дека ќе се заложи сите процедури на владино и парламентарно ниво
кои се потребни за влез во оваа организација да се завршат до 13 ноември 2020
година, кога во Букурешт треба да биде и приемот на нашата земја во БСЕК.
На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека ќе ја продолжат
меѓусебната соработка на највисоко ниво.
