Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Косово Фљамур Сефај.
На средбата министрите Спасовски и Сефај го потпишаа Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за преземање на лица со незаконски престој, како и Протоколот меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Косово за прекугранично константно гонење.
-Соработката меѓу двете министерства е добра и постојат услови таа да биде продлабочена во наредниот период за полесно справување со криминалот, корупцијата, трговијата со луѓе, оружје итн. Генерално, глобалните предизвици кои што ги имаме сите, не ги одминуваат и наште две држави. Само преку заедничка соработка можеме да имаме безбеден регион- рече министерот Спасовски.
Целта на потпишувањето на Договорот за преземање на лица со незаконски престој е зајакнување на соработката заради поефикасна борба против илегалната миграција. Преку овој Договор и врз основа на реципроцитет да се утврдат брзи и ефективни постапки за идентификација на безбедно и уредно враќање на лица кои не ги исполнуваат или повеќе не ги исполнуваат условите за влез или законски престој на териториите на Република Македонија или Република Косово и да го олеснат транзитот на таквите лица во духот на добрата соработка. Во овој Договор и Протокол се утврдуваат постапката и начинот на преземање на државјани на двете земји, преземање на државјани на трети држави и лица без државјанство и нивното транзитирање, како и органите и гранични премини на двете земји надлежни за спроведување на истите.
-Потпишавме и Протокол за прекугранично константно гонење, што е исклучително важно за гонење на лица кои учествуваат во криминални активности за да не можат да бараат засолниште во едната или во другата држава- рече министерот Спасовски.
Министерот Сефај оцени дека односите меѓу двете земји се одлични и дека имаат заеднички приоритети како што е борбата против тероризмот, насилниот екстремизам, но и против трговијата со оружје и човечки органи.
-Денешното потпишувањето на дговорот и протоколите ќе помогнат во борба против негативните појави во регионот. Имаме подготвени и други договори и јас го поканив мојот колега да дојде во Приштина да ги потпишеме- рече министерот Сефај.