Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со Милан Брглез, претседател на Државниот збор на Република Словенија, придружуван од словенечка парламентарна делегација како и од словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец.
– Ви честитам за се што постигнавте по политичката криза и за успешните позитивните промени што се случуваат внатре во државата, во односите со соседите и на меѓународен план, добро е да се види некој со визија кој сака и може да ги движи процесите напред, му порачал на премиерот Заев, претседателот на словенечкиот Парламент, Брглез, кој донесе уште една конкретна порака од Словенија.
Брглез, како што соопшти владината прес-служба, порачал дека Словенија останува силен поддржувач на развојот на Македонија.
– Република Словенија останува силен поддржувач на развојот на Македонија, ќе помогнеме во евро-атлантските интеграции, фокусот од Црна Гора го префрлуваме на Македонија, сега е време Република Македонија да влезе во НАТО, истакнал Брглез.
Премиерот Заев му се заблагодарил во име на граѓаните на Република Македонија и на дражвата, за пријателската, принципиелна и конструкивна поддршка од Република Словенија.
– Го заокружуваме успешно првиот дел од реформскиот План 3-6-9. Владата и институциите, во соработка со граѓанското општество и со пријателите на Македонија од ЕУ и НАТО работат посветено за да осигураат квалитетен живот на граѓаните и заедно со тоа, низ добрососедската и регионална соработка, реализација на стратешките евро-атлантски цели, нагласил Заев.
Македонскиот премиер повикал на охрабрување на словенечките биснисмени да инвестираат во Македонија, за што е има заедничка согласност дека е можно низ отворените шанси за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле поздравени инклузивните политки на новата Влада и почитта што ја покажува кон работата на Парламентот како посебна, закондавна власт што придоесуваат кон изградба на едно стабилно општество за сите граѓани во Република Македонија.