Средношколци од организацијата Американски совети за меѓународно образование во посета на претседателот Пендаровски

Сподели

 

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Вила Водно, денеска го посетија претставници на организацијата Американски совети за меѓународно образование, американски средношколци коишто посетуваат настава во училишта низ нашата држава и македонски ученици коишто во изминатиот период посетуваа настава во Соединетите Американски Држави.

 

 

За време на посетата на Кабинетот, гостите имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да го информираат за нивните досегашни активности, во рамки на програмата за размена на ученици од средното образование, со цел нивно запознавање со општествата и културата во двете држави.

 

 

 

Посетителите разговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа и надлежности, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, салата за свечености, настани и прес-конференции. Гостите се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа информирани за историјатот на Вила Водно, за дел од активностите коишто се одвиваат, како и за начинот на функционирање на оваа институција.

 

 

Денешната посета на учениците е во рамки на Отворен Кабинет, активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.

 

denesmagazin.mk