БЕЛГРАД (АА) – Министерот за внатрешни работи на Република Србија, Небојша Стефановиќ, денес најави жестока пресметка со сите криминални групи во таа земја, како и со одредени поединци во полициските и безбедносните структури кои во изминатиот период помагале во нивните криминални активности, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ѝ објавуваме војна на овој вид на мафија и влегуваме во неа без одлагања и резерви. Тоа е борба што ќе биде тешка за полициските и безбедносните агенции, но државата во таа борба мора да победи“, изјави Стефановиќ на прес-конференцијата денес во Белград.
Тој изјави дека Србија влегува во пресметка со сите луѓе што мислат дека поради нарко, криминални или други причини можат да убиваат луѓе на улиците.
Стефановиќ додаде дека во борбата со криминалните структури нема да бидат поштедени ниту оние што биле почесни гости на нивните јахти и вили и делеле со нив материјална корист.
„Можеби немавме доволно докази за да ги процесуираме, но до крајот на годината таквите луѓе ќе бидат многу јасно исчистени од полицијата, без оглед на тоа какви имиџи граделе, како се претставувале и правеле за себеси кампањи во медиумите. Таквата работа воопшто нема да нѐ интересира повеќе. Тие луѓе до крајот на оваа година повеќе нема да работат во полицијата, а што се однесува на нивните кривични одговорности, ќе се трудиме да одговараат. Не можам да ветам дека ќе дојдеме до сите, но ќе сториме сѐ за повеќе да не ја срамотат српската полиција“, изјави српскиот министер за внатрешни работи.
Стефановиќ се обрати на прес-конференција по синоќешната пукотница и убиството во центарот на Белград.
На улицата „Бачванска“, синоќа околу 21 часот дошло до пукотница во која е убиен 29-годишен маж, додека едно лице е рането, соопштено е од МВР на Србија. Полицијата започна потрага по сторителот на кривичното дело. Министерот Стефановиќ денес изјави дека е уапсено лицето за кое постои сомнеж дека е извршител на убиството.
Одредени српски медиуми јавија дека во пукотницата е убиен водачот на навивачите на фудбалскиот клуб Партизан, Александар Станковиќ, недалеку од портата на Централниот затвор во Белград. Во пукотницата е рането уште едно лице.
Пукотницата се случила кога од автомобил во движење, од автоматско оружје биле испукани рафали на два други автомобила, „БМВ“ и „опел“.
Во „БМВ“-то бил Станковиќ, додека ранетиот чувар на затворот бил во „опел“, пренесуваат српските медиуми.
Како што пренесуваат медиумите, ранетиот чувар, за кој сѐ уште не се знае како се нашол на местото на пукотницата, бил префрлен во Ургентниот центар во Белград и сместен на одделението за реанимација.