Денес, во Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, со која претседаваше претседателот на Комисијата, г.Артан Груби, беа претставени Програмата и приоритетите за работата на Романското претседателство со Советот на Европската унија за периодот јануари-јуни 2019 година, од страна на Амбасадорот на Република Романија во Република Македонија,Н.Е. Виорел Станила.
Претседателот на Комисијата, г. Груби, честитајќи и го на Романија превземањето на ЕУ претседателството, истакна дека е оптоварено со бројни предизвици како што се претстојните европски избори, БРЕГЗИТОТ и друго.
Сепак, нагласи Груби, ЕУ треба да ги валоризира постигнатите резултати што Македонија ги направи во изминатиот период, и тоа, пред се, реализацијата на Преспанскиот договор со усвојувањето на уставните измени во Собранието, со кој се надмина спорот со името со Република Грција, како и минатогодишниот Договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија. Исто така, го посочи како значајно и влегувањето во сила на Законот за употребата на јазиците, со што се закружи целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор, како дел од политичките критериуми и услов за пристапување кон Унијата.
Амбасадорот Станила истакна дека Романија ќе биде силен поддржувач на европскиот проект за ЕУ, кој треба да одговори на денешните предизвици.За Агендата на Романското претседателство информира дека ќе се фокусира на четирите главни приоритети: Европа на конвергенција, Посигурна Европа, Европа, посилен глобален актер и Европа на заеднички вредности.
Во однос на Процесот на проширување на ЕУ, истакна дека Романското претседателство посебно внимание му посветува на Западен Балкан, со цел да се обезбеди стабилност, безбедност и развој на непосредното соседство на ЕУ. Европската перспектива за партнерите во регионот мора да се унапредува, врз основа на нивните сопствени заслуги и на поставените критериуми.
Воведни излагања по темата имаа и амбасадорот на ЕУ во Македонија, г. Жбогар и вицепремиерот за европски прашања, д-р Османи.
Амбасадорот Жбогар ги поздрави постигнатите договори за соработка со Грција и Бугарија, како и уставните измени, донесени во Собранието, со укажување дека земјата треба засилено да работи на изготвување и усвојување на реформските закони во следните два месеци, пред почетокот на кампањата за претседателските избори. Притоа, ја нагласи важноста од имплементацијата на законите во секојдневниот живот на граѓаните. Сето тоа е важно за да во рамките на романското претседателство, Советот донесе позитивна одлука за почеток на преговорите во јуни.
Во дискусијата по романските приоритети учествуваа и координаторот на пратеничката група на ДУИ, г. Ејуп Алими,како и претставникот на СДСМ г-ѓата Јагода Шахпаска и на ВМРО-ДПМНЕ г-ѓата Магдалена Манаскова. Во нивните дискусии беше истакната консензуалната поддршка на сите политички партии застапени во Собранието на Република Македонија, за евроатлантското пристапување на Република Македонија. Во тој контекст,беше побарано земјата да ги отпочне преговорите по поглавјата што поскоро.