Чиста бесмислица е ставот на најголемата владејачка партија дека „еврообврзницата се издава како реакција на политичката криза која СДСМ во етапи ја прави за да се спаси од политички пораз на избори“. По сите правила, за кризите се одговорни властите. И во согласност со тоа, издавањето на еврообврзницата не може да се оправдува со политичката криза во земјата за која, да не е трагично би било смешно, се оптужува опозицијата дека ја предизвикала. По се’ што се објави, бессрамно е да се тврди (бидејќи се потценува интелигенцијата на членството и на пошироката јавност) дека со „емисијата на еврообврзницата се внесува свеж капитал во земјата, кој ќе го гарантира нормалниот тек на економијата“. Или не се разбира што е капитал или свесно се манипулира јавноста. Зошто, ако не се каже, а не се кажува, за кои капитални инвестиции ќе се употребат, тоа значи дека поголемиот дел ќе се спискаат за тековна непродуктивна потрошувачка. А за власта, за жал, тоа е нормален тек на економијата- да се задоволат потребите на таргетираните групи за остварување на победа на изборите.