СТАВ – ТЕНДЕРСКО ПОИГРУВАЊЕ СО ЖИВОТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ СО ДИЈАБЕТЕС

Сподели

stojadinovic-702x336

Гласот на жртвите на бизнис калкулациите на министерот за здравство Никола Тодоров почнува се` повеќе да се шири и да се слуша. Малку се жртвите кои паднаа во заштитата на бизнис интересите за Центарот за сколиоза (во изградба), а сега, по втор пат, министерот ги става животите на дијабетичарите на коцка со штетната тендерска политика.

Уште со тендерот за 2013-2015 година, Тодоров ги намали средствата за набавка на инсулини и инсулински помагала за 2,3 милиони евра, а бројот на пенкала (инекции со инсулин) беше намален за 145.480. Со новиот тендер за 2014-2016 година, во кој не се бараа банкарска гаранција на фирмите – понудувачи ниту други квалификации, повторно се намалени средствата, а за цели 25 проценти е намалена и количината на аналогните инсулини за сметка на хуманите инсулини, кои се покачени. Така, наместо односот на аналогни инсулини кон хумани да биде 75 проценти наспроти 25 проценти, како што беше предвидено, сега односот е 50% наспроти 50%.

Разликата помеѓу хуманите и аналогните инсулини е во тоа што хуманите се од првите генерации на инсулини развиени во 1960-тите и 1970-тите години. Тие се синтетичка копија на природниот инсулин кој го произведува панкреасот. На почетокот на 1990-тите беа развиени аналогните инсулини кои имаат побрза апсорпција во телото и поширок спектар на употреба во поглед на типовите на дијабетес. Од пред десетина години голем процент од хуманите инсулини во Европа веќе се исфрлени од употреба. Во јануари 2016 година се лансираа во употреба и третата генерација на инсулини „Тресиба“, кои беа одобрени од страна на Агенцијата за храна и лекови на САД (FDA – Food and Drug Administration), а кои овозможуваат стабилен профил на гликемијата, имаат флексибилно време на дозирање и штитат од ноќни хипогликемии од кои пациентите со дијабетес тип 1 често страдаат. Имено, хипогликемиите или паѓањето на шеќерот во крвта е честа ситуација кај дијабетес тип 1 во кој панкреасот веќе не произведува инсулин.

Во Македонија, пак, заради рестриктивните мерки на Тодоров, пациентите се враќаат на првата генерација на инсулини – хуманите. Дополнителна трагедија во оваа прикаска е тврдењето на министерот дека обезбедува најсовремена терапија за пациентите со дијабетес, а притоа дека паметно штедел.

Копии и ризичен транспорт

Но, Тодоров не запира овде. Со новиот инсулински тендер се предвидува набавка на 60.000 инсулински биосимилари на инсулинот гларжин, односно копија на гларжинот, но сосема различен генерички производ од оригиналниот лек. Овој вид на инсулин се уште не е раширен на пазарот поради неговата недоволна клиничка испитаност. Комплексниот систем на протоколи за производство на биосимиларен инсулин ја доведува во прашање неговата чистота поради големите можности протеините кои тој ги содржи на различен начин да се поврзат со другите состојки во инсулинот. Крајниот продукт може да има ниско ниво на чистота и да предизвика пречувствителност на примателот и хипогликемија.

За играњето со животите на пациентите да биде поголемо поради бизнис интересите на добавувачите, придонесува и тоа што инсулините кои се увезуваат во Македонија немаат никаков сертификат за квалитет, ниту сертификат дека при транспортот е обезбеден „студен синџир“, односно дека лекот се носи на температура од 4 до 8 целзиусови степени. Ова се податоци кои во секоја европска земја мора да бидат јавни и транспарентни, а кај нас тешко се достапни. Со ова се нарушени основните права на пациентите за здравствен систем кој треба да го штити нивното здравје, а не да го загрозува.

Дијабетичарите се изложени на уште еден стрес со постојаниот недостиг на одредени типови на инсулин во сите инсулински аптеки ширум земјата. На дијабетичарите им се препишуваат инсулини во зависност од тоа кои се достапни во матичната аптека, а тоа се коси со правилата и начелата на научната студија UKPDS (United Kingdom Prospective Diabetes Study), според која треба да се раководи секој ендокринолог. Менувањето на типот на инсулинот треба да биде врз основа на мониторинг на пациентот, па дури и со хоспитализација за да може да се одредат типот и дозата нa инсулин, а никако паушално. Тоа резултира со голем број на намалувања и зголемувања на шеќерот во крвта.

Недостасува и квалитетна едукација на дијабетичарите како да се справат со сопствената болест. Посебно страдаат децата и тинејџерите на кои нема кој да им објасни што им се случува и кои поради пубертетот имаат драстични промени во гликемијата. Тоа резултира со психолошки проблеми, па и депресија. Посебно погодени се болниците од внатрешноста каде нема детски дијабетолози и психолози.

Штедење или чист бизнис?

Штедењето како изговор на министерот за набавка на евтини и токсични инсулини не држи вода.Буџетот на Република Македонија за 2016 година изнесува 2,8 милијарди евра, а ставката за Министерството за здравство предвидува сума од 408 милиони евра. Од нив, 26 милиони евра се предвидени за инвестиции во здравството. Овие суми изгледаат доволни за да не се штедат и намалуваат количините на аналогни инсулини, на сметка на хуманите кои се исфрлаат од употреба во развиените земји, и да не се нудат евтини и неквалитетни кинески мерачи на шеќер во крвта, кои даваат неточни резултати и со кои директно се загрозува животот на пациентот. Штедењето како изговор става во животна опасност скоро 39.500 дијабетичари, од кои 600 до 1.000 се деца до 14 годишна возраст.

Како е „надвор“?

Сигурно дека не можеме да се споредуваме со земјите членки на Европската Унија, но добро е да направиме паралела со нивните политики кон дијабетичарите. Здравствениот систем на Франција, со актот за Универзална здравствена заштита од 2000 година, му го покрива здравственото осигурување на секој граѓанин без разлика на социјалниот статус (вработен, невработен). Истиот третман е и кон странци кои живеат во Франција подолго од три месеци. Овој систем целосно ги покрива не само трошоците за фармаколошко третирање на дијабетисот, туку и лекувањето од последиците од дијабетесот во кои спаѓаат слепилото, кардиоваскуларните заболувања, ампутациите на екстремитети, дијализата на бубрежно болните и слично.

Здравственото осиурување гарантирано со закон им овозможува на пациентите пристап до државните и приватните болници, додека амбулантската заштита ја обезбедуваат главно приватни амбуланти. Осигурувањето директно им ги исплаќа трошоците на болниците, додека пациентите им плаќаат дневен паушал за болничка храна, ако претстојуваат таму, и 20 отсто за кофинансирање по потреба. Последните 20 проценти се покриени и од доброволното дополнително осигурување кое го имаат речиси 94 насто од населението. Иако Франција нема национален план за борба против дијабетесот, има програма која се вика „Софија“ и која е финансирана од најголемиот фонд за здравствено осигурување. Целта на оваа програма е преку бесплатни информации и алатки да ги запознае и подготви пациентите со дијабетесот. Програмата ја водат професионалци волонтери кои покрај едукациите кои ги пружаат на пациентите, водат и телефонски линии за помош и едукација.

Што да се прави?

Првите знаци на паднат имунитет и оштетувања во организмот се појавуваат после само три месеци. Затоа оставка е најмалку што министерот за здравство може да направи ако не сака да носи луѓе на душа и да одговара кривично за своите штетни политики. А веќе има доволно материјал за кривично гонење.

За долготрајно решение на проблемот треба да се врати почетната состојба во аптеките кога 75 проценти беа аналогни инсулини, а само 25 отсто хумани. Треба да се прекине и увозот на евтините кинески мерачи на шеќерот кои се со низок квалитет и даваат погрешна слика за нивото на шеќерот во крвта. Дијабетичарите треба да имаат поголеми можности за едукација во врска со исхраната, начинот на живот и ограничувањата на животните навики поради болеста. Транспарентни тендери, високи критериуми за добавувачите и за транспортерите и сертификати за квалитет на набавените инсулини треба да осигураат заштита и продолжување на животите на граѓаните со дијабетес.

м-р Соња Стојадиновиќ

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk.