STAY CALM И ВАРДЕТЕ СЕ ОД БУДАЛИТЕ – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

Си ветив дека нема да коментирам актуелни политички настани до истекот на 100-те дена од Владата на Зоран Заев. Сметав дека елементарната човечка пристојност налага на секој новодојден да му се остави простор за адаптација, реорганизација и некаква реална акција. Како што не можете од штотуку родено бебе да очекувате да прооди, од новозапишано прваче да смета равенки, или од бруцош да држи предавања, така не можете да очекувате ни од нова влада да покаже резултати – веднаш. Посебно ако истата таа партија која ја води Владата била во опозиција цели 11 години. Посебно ако државата била заробена од претходната партија која сега никако не може да се помири дека е во опозиција. Посебно ако првенците на претходната влада се поприлично искомпромитирани и се соочуваат со сериозни обвиненија за велепредавство на сопствената држава. Посебно ако административно-судско-медиумските инсталации на сегашната опозиција која не би сакала да биде тоа, сé уште се хиперактивни во саботирањето на сите активности на новата Влада. Посебно ако лидерот на обезвластената власт покажува сериозни психолошки девијации и целосно отсуство на чувството за реалност, а истото тоа го манифестираат и илјадници негови поддржувачи.
Значи, си ветив и свесно го прекршувам ветувањето. Тоа не го правам за да ја штитам актуелната Влада од ниските удари, тоталното пореметување и первертирана позиција на првенците на криминалната банда ВМРО-ДПМНЕ, туку заради нешто друго, многу посуштествено за нормалниот, обичниот човек. А тоа е одбраната на неговата нормалност.
Една од најбогатите мафијашки структури во Европа, која дрско и безобразно се крие зад параванот на една политичка партија, во моментов го врши најбескрупулозниот атак врз сопствените граѓани. Го напаѓа нивниот здрав разум и способност за логичко расудување. Со несебична поддршка од своите медиумски комесари, бандата на Груевски низ етерот шири масовно лудило.
Може ли да замислите човек кој доаѓа на суд и, покрај 29 000 страници доказен материјал формално класифицирани во 5 178 докази, човек кој е првообвинет во барем три од вкупно 20-те предмети кои СЈО ги води против неговото злосторничко здружение, мртов ладен да изјави дека се подготвува да победи на избори, а не да бега. Ликот кој се соочува со неколку доживотни казни за сторено злосторство врз сопствената држава и народ, без око да му трепне, изјавува дека СЈО е партиски орган кој има задача да го уништи и него и неговата партија. Персоналитетот кој е фатен жив во прислушувани телефонски разговори на кои се слуша како краде, лаже, фингира, мести, апси, затвора, уништува судбини, рекетира, прикрива убиства, нарачува ќотек, минира објекти, договара мито, се одмаздува и што ти уште не, се претставува како жртва на странски сили, жолти комбиња, предавници, педери и соросоиди.
Тоа е комплетно лудило кое како чума се шири низ Македонија. Испревртената приказна на ДПМНЕ дополнително зема замав со хистеричните напади против Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, во кои предничат вмровски фаци со деклариран бугарски произход и државјанство. Потоа следат лелекањата за нови задолжувања од страна на истите оние кои ја испокрадоа државата, а по нив идат пискотниците за партизација на администрацијата од истите сурати кои воскликнуваа за „вмровски градови“. И така, ненормалноста градира до неверојатни граници. Според она што го знаеме, лудите се родени да се прават луди, па така извесна Канческа-Милевска, искрено, ококорено и во чудо е зачудена зошто ѝ се одзема пасошот. Жената сака да си оди на одмор во странство, замислете. Во меѓувреме, болеста со геометриска прогресија се шири низ судовите, бидејќи 17-те обвиненија кои СЈО пред речиси еден месец ги поднесе против 94 лица, сѐ уште не се правосилни. Обвинителните акти не се оценети, ниту пак за нив има закажан датум за старт на судски процес.
И, тука ќе застанам. Нема повеќе да набројувам, бидејќи ќе бидам принудена да влезам во атмосферата наречена социјални мрежи, која е загадена како околината на Фукушима по цунамито од 2011 година, или како по чернобилската катастрофа во далечната 1986 година. А таму, владее смртоносна ФБ радијација од неартикулирани писанија изблуени од контаминирани штапски мозоци. Грозно!
Го пишувам овој изнуден текст како израз на гнев против свесното ширење на вирусот на злото, бидејќи во него гледам концепт за конечна пресметка со сопствената држава. Гледам сеење омраза, поттикнување насилство и најава за ликвидации. Нема да опцујам, да проколнам, да наклеветам, да навредам, да вреснам, да повредам, бидејќи со тоа само ќе ја покажам сопствената и нашата немоќ. Само ќе алармирам на нивното пресметано лудило како последна одбрана од нашата рационалност и ќе предупредам на нивната испланирана непресметливост како последен обид за бегство од суровата реалност.
Чувајте ги нервите и вардете се од будалите. Заштитете ја својата нормалност.