Младата балерина Стефанија Гаштарска е првата македонка која стана дел од ансамблот на рускиот „Болшој театар” во Москва.
Средното образование го завршила во Русија, една година поминала во Перм, а три токму на академијата „Болшој“. На само 18 години го живее сонот, но нејзините амбиции не запираат тука.
-Чувството е навистина прекрасно. Уште од малечка јас имав зацртано „Болшој“, театар „Болшој, академија „Болшој“, – дека сакам таму да учам и да работам. Јас сум човек што сонува на големо, јас не сонував само да бидам балерина, туку сонував да бидам Прима-балерина во „Болшој“ театар, вели Гаштарска.
Влезот во академијата бил сосема случаен. Била на натпревар во Перм каде под водство на професорката Елизавета Кушевска, а во класата на Дафина Даниловска ги поминала сите три круга. По натпреварот ја повикале една година да учи во Перм. Откако ја завршила годината добила и покана за аудиција во Москва каде успеала да ги воодушеви најдобрите светски професори по балет.
Стефанија уште од мала бележи големи меѓународни успеси, а освен во Европа, досега настапувала и во Соединетите Американски Држави.
-Прво мора да кажам, натпреварот во Перм, тоа е број 1. Потоа турнејата во Атина, Грција, каде бевме со Академијата – со целото училиште. Во Атина танцувавме „Оревокршачка“ и јас ја играв главната партија во таа претстава. И можам да кажам, исто така, гала концертот „Калининград“ концерт на „Болшој“ театар каде ме поканија да учествувам со мојот партнер од училиштето и бевме единствени студенти кои учествуваа на таа гала со сите најпознати ѕвезди од „Болшој“ театар, вели Гаштарска.