Стејт департмент за МИА: САД се надеваат на брзо решение на спорот за името

Сподели

САД продолжуваат со поддршка на тековните разговори под покровителство на ОН за решавање на проблемот со името на Македонија и го повикуваат македонското Собрание да се фокусира на потребните реформи, порача американскиот Стејт департмент.

Во изјава дадена за МИА во пресрет на утрешната посета на грчкиот министер за надворешни работи на нашата земја, портпарол на Стејт департментот укажа дека САД се надеваат на брзо решeние на долготрајниот спор со името.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе постигнат заеднички прифатливо решение во интерес на евроатлантските интеграции, економскиот просперитет, мирот и безбедноста во регионот“, се вели во изјавата.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, изјавата од САД доаѓа во пресрет на закажаната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со посредникот на ОН Метју Нимиц, на 30 март во Виена. Средбата е уште еден обид за приближување на ставовите за изнаоѓање прифатливо решение за спорот со името.

Коѕијас, пак, утре доаѓа во возвратна посета на Македонија. На средбите што ќе ги има со шефот на македонската дипломатија Димитров и со премиерот Зоран Заев ќе се разговара за содржините на двете нацрт-спогодби, онаа што Македонија ја испрати во Атина и грчката што беше испратена во Скопје. Спогодбите содржат предлог-решенија на спорот за името.

Во однос на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците изгласан од Собранието минатата недела, САД ги повикуваат парламентарните партии од власта и од опозицијата да продолжат со реформите.

„Подршка за реформите дојде од сите страни. Како што кажа примиерот Зоран Заев, Владата и политичките лидери се должни и носат одговорност за унапредување на интересите на сите граѓани во земјата“, се вели во изјавата за МИА од американскиот Стејт департмент.