„Студентски пленум“: Претставниците на студентските парламенти се нелегитимни

Сподели

studentski-plenum1

„Студентски пленум“ денеска испрати известување до сите декани на матичните факултети на УКИМ со кое бара итно преиспитување на мандатите на студентските претставници во наставно-научните совети на факултетите и утврдување на нелегитимност на претставниците на студентските парламенти на нивните факултети.

„Изборите за претседател на Студентски парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) што се одржаа на 30 јуни содржат сериозни повреди на процедурата и на принципите, кои се иманентни на демократскиот изборен процес и кои треба да бидат гарант за остварување на полниот легитимитет кој треба да произлезе од таквиот процес за вистински да се реализира законски обезбеденото право на студентите за учество во управувањето на органите и на телата на Универзитетот и на факултетите“, велат од „Студентски пленум“.

Според нив, изборите се нелегитимни затоа што биле организирани според непостоечки правилник, датумот на одржување бил по завршетокот на академската година, немало изборен материјал, избирачки список и гласачки ливчиња, била нарушена тајноста при гласањето, од избирачките места биле украдени гласачки кутии, а гласовите се пребројувале тајно.

„Според информациите што се достапни на јавноста, преку Централниот регистар, заради неодржување избори на најголем број факултети на УКИМ, претставниците на студентите што партиципирале во работата на наставно-научните совети во изминатите три години немале легална основа и легитимитет што, пак, ги доведува во прашање сите одлуки што ги донеле таквите наставно-научно совети и повлекува одговорност за вонстатутарно работење на органите и на телата на високообразовната единица“, велат од „Студентски пленум“.

Пленумот апелира до сите наставно-научни совети, деканатски управи и до деканите на факултетите да не ги признаваат како легални и легитимни претставниците на студентите делегирани од Студентскиот парламент.

meta.mk