Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата информираше за четири јавни повици кои ги објави Министерството за економија од Програмите за поддршка на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
“Фокус на Министерството за економија во 2023, освен справување со ценовната криза е и енергетиката и справување со енергетската криза. За таа цел, Министерството успешно ја спроведува Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата. Средствата од оваа програма во вкупен износ од 70.000.000 денари ќе се користат за реализација на следните мерки:
1.Надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 25.000.000 денaри и ќе опфати околу 1.200 домаќинства. Министерството за економија, на лицата кои ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства за оваа мерка. Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година.
2. Надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2023 година вкупно предвидени 15.000.000 денари и ќе опфати околу 1000 домаќинства. Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства од оваа мерка. Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во своите домови во периодот од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година
3. Надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење за 2023 година вкупно предвидени 30.000.000 денари и ќе опфати околу 370 домаќинства. Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 %, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година.
4.Министерството за економија, за првпат оваа година, изготви Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година. Средствата од оваа програма во вкупен износ од 10.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година во Струмица и Куманово. Право на учество на овој јавен оглас имаат домаќинствата кои имаат изработена проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или имаат извршено приклучување на соодветниот систем за дистрибуција на природен гас во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година, соопшти министерот Бектеши.