Судија привремено ги суспендираше депортациите од САД по масовните протести за одлуката на Трамп

Сподели

Федерален судија привремено ги суспендираше депортациите на бегалци и патници со виза кои беа заглавени на американските аеродроми по указот на претседателот Доналд Трамп за забрана за влез во земјата на бегалци и државјани на одредени доминантно муслимански земји.

Одлуката доаѓа по протестите на илјадници луѓе на повеќе аеродроми и тужбата која Американската унија за граѓански слободи ја поднесе до судот, според која помеѓу 100 и 200 луѓе беа задржани на аеродромите и во транзит зоните.

Собраните демонстранти пред аеродромот ЏФК во Њујорк ФОТО: Гардијан

Указот на Трамп ја запре целосната американска програма за бегалци, а истовремено воспостави 90 дена забрана за влез на државјани од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен.

Оние кои веќе се наоѓале во лет биле задржани на слетувањето – иако веќе имале валидни визи или дозволи за имиграција, пренесува ББЦ.

Одлуката на Њујоршкиот судија Ан Донели го спречи депортирањето на луѓе со валидни документи, кои имаат законско право да влезат во САД. Тужбата ја поднеле два државјани на Ирак кои биле задржани на ЏФК аеродромот во Њујорк. Едниот кој работел за американската војска во Ирак, додека другиот е во брак со вработен во војската.

Итната пресуда истакнува и дека постоел ризик од „значајни и непоправливи повреди“ на оние кои се засегнати.

Пресудата на Донели не е за уставноста на указот на Трамп. Се уште не е познато што ќе се случи со останатите кои се задржани на аеродромите.

Рано утрово, Одделот за домашна безбедност соопшти дека ќе ја почитува судската одлука, но дека ќе продолжи да ја спроведува наредбата на Трамп.

radiomof.mk