Судири на демонстрантите и полицијата во Барселона

Сподели

 

Стотици демонстранти синоќа се судрија со полицијата во центарот на Барселона. На петтиот ден од немирите, демонстрантите палеа огнови и фрлаа камења кон полицијата, која пак возврати со гумени куршуми и солзавец.

Протестите започнаа откако беа изречени затворски казни на каталонските лидери осудени за организирање на референдумот за независност во 2017 година.

Протестот започна мирно, но во текот на денот неколкумина маскирани демонстранти блокираа широк булевар во близина на полицискиот штаб, запалија канти за отпадоци и фрлаа камења, јајца и други предмети врз полициските сили.

Полицијата возврати со солзавец, димни бомби и гумени куршуми кон демонстрантите и распореди водени топови за да мине низ запалените барикади.

Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави дека 17 лица се уапсени во петокот. Здравствените власти објавија дека 62 лица, од кои 41 во Барселона, се повредени во протестите низ Каталонија. Министерството за внатрешни работи на Шпанија соопшти дека повеќе од 200 агенти на безбедносните сили се повредени во регионот.

Покрај Барселона, се протестираше и најмалку четири други градови.

Протестите исто така ја поттикнаа шпанската фудбалска федерација да го одложи натпреварот од Ла Лига кој требаше да се одржува на 26 октомври помеѓу Реал Мадрид и Барселона поради безбедносните проблеми. Подружницата на Фолксваген Сеат соопшти дека го прекунува производството во својата фабрика во близина на Барселона до сабота.

Тензиите во Каталонија започнаа во понеделникот, откако Врховниот суд во Мадрид изречи затворска казна до 13 години за деветмина каталонски сепаратисти.

Властите во Барселона соопштија дека градот претрпел повеќе од 1,5 милиони евра штета поради немирите. Каталонските лидери, пак, го осудија насилството и повикаа на мирни протести.

Во меѓувреме, белгискиот суд го ослободи поранешниот лидер на Каталонија, Карлeс Пуџдемон без кауција откако тој утрово доброволно им се предаде на белгиските власти.

Демонстрациите се одвиваат и на социјалните мрежи

Шпански судија нареди затворање на веб-страницата на тајна каталонска протестна група, откако властите се обидоа да пронајдат кој стои зад уличните демонстрации.

Вниманието се фокусираше на #TSUNAMI DEMOCRÀTIC („Демократско цунами“), нова група која се појави минатиот месец и брзо се здоби со влијание на социјалните мрежи.

Нејзината главна акција беше масовен протест на аеродромот Барселона во понеделникот, што предизвика десетици откажувања на летот.