Кривичниот суд во Скопје ја комплетирал потребната документација за екстрадицијата на поранешните началници во УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски, од Грција во земјава и ја доставил до Министерството за правда.
Грујовски и Бошковски беа уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун, додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да отпатуваат за Будимпешта. Тие во моментов се во екстрадициски притвор во Солун, а на почетокот на декември треба да се појават пред солунскиот суд во врска со лажните бугарски пасоши, постапка која беше двапати одложувана бидејќи судот не успеа да обезбеди преведувач.
Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.
Тие три месеци беа во бегство за да го избегнат притворот што им го одреди Апелацискиот суд, а беше потврден и од Врховниот суд.