Судовите се прогласија за ненадлежни за потписите на Талески од притвор

Сподели

taleski-apelacija

Апелацискиот суд Скопје вели дека е ненадлежен да даде мислење за тоа дали битолскиот градоначалник, Владимир Талески, од куќен притвор може да потпишува службени документи. Ова стои во одговорот што од судот ѝ го испратиле на советничката во Општина Битола, од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска, која побара мислења од судовите и од Собранието за работењето на Талески од дома.

„Во согласност со член 33 од Законот за судовите, апелациските судови се надлежни да решаваат по жалбите против одлуките на основните судови од своето подрачје, да решаваат за судир на надлежност меѓу судовите од прв степен од своето подрачје и да вршат други работи определени со закон. Имајќи ја предвид горенаведената законска одредба Апелацискиот суд Скопје не е надлежен да дава мислење во смисла на Вашето барање“, стои во одговорот на Апелација.

Илиевска за „Мета“ вели дека е зачудена од одговорот на судот и прашува како може судот што му ја изрекол мерката на Талески да не може даде мислење дали тој смее или не смее да ја раководи Општината од дома.

– Иако овој суд му ја изрече оваа мерка на лицето В.Т., не може да даде мислење дали тој смее или не смее да работи од дома. Што друго да се каже освен дека ако е вака како што пишуваат во дописот, зошто воопшто му ја изрекле оваа мерка ако не се надлежни. Сè додека институциите во Македонија се на став дека не се мешаат во сопствените работи, ќе имаме вакви, за жал, трагикомични ситуации, како со градоначалникот Владимир Талески, кој ја води Општината од дома, од куќен притвор – вели Илиевска, која барања за мислење испрати и до Специјалното јавно обвинителство, Основниот суд Скопје 1 и до Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија.

На прашање на „Мета“ дали Талески смее да потпишува службени документи и да комуницира со вработени во Општината додека е во притвор, од Основниот суд Скопје 1, кој му го одреди куќниот притвор на битолскиот градоначалник, кон крајот на август, ни одговорија дека на судот му е јасно што значи мерката куќен притвор, но дека не е надлежен да ги толкува законите и дека тоа го прави Собранието на Република Македонија.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека куќниот притвор на Телески истекува наскоро и дека СЈО ќе достави соодветен предлог до судот, за кој, како што рече, не сака да прејудицира каква ќе биде неговата содржина. Ристоска додаде дека имаат увид во документите што ги потпишува Талески.

– Имаме увид во целокупната документација, нашите истражители беа во Општина Битола и ги обезбедија сите потребни докази што ни се релевантни за наше понатамошно постапување – рече Ристоска.

Талески неодамна самиот изјави дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.

– За жал, многу пријатно се изненадија моите соработници затоа што СЈО уште еднаш дојде да провери дали градоначалникот потпишува. Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – рече Талески, по јавната седница во Апелацискиот суд во врска со неговата жалба на продолжувањето на куќниот притвор.

Талески и уште 22 лица, осомничени во случајот „Транспортер“ што го отвори СЈО, се товарат за злоупотреби и за малверзации со тендерите за превоз на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.

meta.mk