Денот на македонското правосудство, денеска минува со бојкот на  судската администрација

Сподели

Одбележувањето на 31 Март, Денот на македонското правосудство, денеска минува со бојкот на  судската администрација.

Од Здружението на судска администрација на Република Македонија велат дека се принудени да не дадат поддршка на годинешните активности за одбележување на празникот и дека остануваат на своите барања за зголемување на платите.

– Некогаш револтот е поголем поради занемарување на сите финансиски работи. Воопшто, во органите што одлучуваат за финансирањето, значи, за исплатата на плати, конкретно во судскиот буџет, судската служба нема свои претставници и координатор, кој би можел да зборува во нивно име. Добивме дописи од неколку подружници од судови во Македонија, кои ќе го бојкотираат Денот на правосудството во Република Македонија. Препораката е да не учествува судската служба на одбележувањето на денот, поради нееднаквиот третман – вели Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација на Република Македонија.

Од здружението најавија порадикални мерки поради тоа што сите што учествувале во штрајкот на судската администрација биле казнети со 40-процентно намалување на платата два месеца. Велат дека судиите, обвинителите и обвинителните службеници добиваат зголемување на платите, а судската служба е таа што во тоа изостанува.