Пратеничката група на СДСМ, НСДП, ЛДП и на ПДТ најжестоко се спротиставува на намерата на власта во заминување да ги задолжи граѓаните со издавање нова еврообврзница од 650 милиони евра, рече денеска на прес-конференција Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на опозицијата.
Тој рече дека новото задолжување е финансиско злосторство врз граѓаните, македонската економија и врз идните генерации.
– Криминалната власт во заминување нема ниту легитимитет, ниту легалитет да носи вакви незаконски одлуки. Во моментов постојат истраги за изборна измама, изборен фалсификат, за што е осомничено злосторничкото здружување во врвот на ВМРО-ДМПНЕ. Со ребалансот на буџетот, разулавената власт треба да се откаже од сите непродуктивни трошоци што ги правеше во изминативе години, за да има пари за нормално функционирање на државата. Финансиското злосторство од 650 милиони евра, криминалната власт го бара само за корупција на гласачкото тело и за полнење на приватните џебови на „фамилијата“ – изјави Сугарески.
Координаторот додаде дека ако не биде испочитувана законската процедура, како при издавањето на последната еврообврзница, тогаш по промената на власта СДСМ ќе го оспори ова задолжување како законски јавен долг, а сите инволвирани во незаконското задолжување ќе понесат одговорност.