Свечено отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Сподели

Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Република Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.

Како што е најавено, свеченото отворање на 57. Летна школа на МСМЈЛК ќе се одржи денеска во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на кое поздравни обраќања ќе имаат претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија д-р Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7.000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.

Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД „Мирче Ацев“.

Годинава, како што истакна директорката проф. д-р Кристина Николовска, програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини.

Летната школа ќе се одржува до 29-ти август, а за првпат годинава ќе бидат доделени и наградите „Воздејства“.

Веле Митаноски