Вложувањето во здравјето и благосостојбата на децата е вложување во општеството, вложување во нашата иднина, изјави премиерот Зоран Заев.
Денешниот ден е прогласен за Светски ден на детето, по повод усвојувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата на 20 ноември 1989 година. Оваа конвенција е најшироко прифатен документ на Обединетите нации и е ратификуван од најголем број држави, споредено со кој било друг документ на организацијата на народите.
Северна Македонија, како и сите други земји-членки на ОН, со прифаќање на Конвенцијата за правата на децата, се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи:
Недискриминација;
Придржување кон најдобрите интереси на детето;
Правото на живот, опстанок и развој; и
Правото на учество.
Во прилог на исполнување на четирите принципи и придржување до најдобрите интереси на детето, во изминатите четири години покажавме што значи вистинска грижа за децата:
Почнавме од почеток, таму каде децата се раѓаат. Министерството за здравство преку инвестирање во најсовремена опрема, обезбедување најдобри услови, обуки и едукација на лекарите и медицинскиот персонал во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) овозможи европски стандарди во здравство во Северна Македонија за многу млади животи да бидат спасени. Од 2016 година до денес, смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25% на 8,9% и ќе продолжи да опаѓа.
Министерството за труд и социјална политика во однос на заштита на правата на децата спроведува активности кои се во насока на намалување на детската сиромаштија, заштита на децата од насилство, зголемување на опфатот на децата во предучилишните установи, обезбедување услови за живеење на сите деца во средина најблиска на семејната.
Изградивме и реновиравме 60 детски градинки во урбаните, но и во руралните средини, со што значително се зголеми опфатот на децата во предучилишното воспитание и образование. До крајот на мандатот на оваа Влада капацитетите во детските градинки ќе се зголемат за 7.500 деца. Посветено работиме и на подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст и во општините кои со години беа запоставувани. Дел од руралните места, како што се Зрновци, Караслари, Врапчиште и многу други, за првпат добија детски градинки и сега децата се згрижени на само неколку чекори од нивните домови.
Со цел намалување на детската сиромаштија се спроведоа реформи со што се зголеми пристапот до правото на детски додаток за деца од семејства со ниски примања и на приматели на гарантирана минимална помош. Дополнително се воведе образовен додаток, за деца од училишна возраст (во основно и средно училиште) од семејства со ниски примања и за деца на корисници на гарантирана минимална помош.
Со деинституционализацијата ниту едно дете до 18 години повеќе не живее во гломазни институции. Децата се сместени во мали групни домови и згрижувачки семејства со што се овозможи децата да живеат во средина која е најблиска до семејната.