Светски ден на крводарителството

Сподели

 

Светскиот ден на крводарителството секоја година се одбележува низ светот на 14 јуни. На овој ден во 1868 година е роден Карл Ландштајнер, истакнат лекар, биолог и биохемичар, кој ги пронајде крвните групи и резус-факторот на крвните групи и во негова чест се одбележува овој ден.
 
Светскиот ден на крводарителството годинава се одбележува под мотото “Донирајте крв, донирајте плазма, споделете живот, споделувајте често.”
 
Целта е да се подигне свеста за обезбедување на поддршка за пациентите на кои им е потребна доживотна поддршка од крв како и улогата на секој поединец кој го дава највредниот подарок – крв или крвна плазма.
 
Крводарителството во РС Македонија се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност. Не постои похуман и поблагороден чин од доброволното дарување на крв и спасување на човечки живот.
 
Вашата хуманост и подготвеност да дарувате крв спасува многу животи и го прават побезбедно нашето општествено опкружување. Вие сте пример на луѓе кои целиот свој живот ја негувате и промовирате солидарноста преку споделување на дел од себе за подобро здравје и среќа на други луѓе на кои им е потребна поддршка. Горди сме што крводарителите се препознатливо обележје на Црвениот крст. Се радуваме што крводарителите ги споделуваат нашите вредности и принципи. Искрена благодарност за сите ваши хумани дела, за секое ваше крводарување, за секоја капка крв која буди надеж, обезбедува помош – раѓа нов живот. Ви посакуваме добро здравје продолжете да донирате крв, плазма, споделете живот, споделувајте често, изјавија од Црвениот крст.