Најголемата и најзначајната институција од областа на културата во нашата држава, НУ Национална опера и балет во континуитет уметнички твори и создава повеќе од седумдесет години.
На 31 јануари 1945 година со указ на Президиумот на АСНОМ беше и законски конституирана националната институција – Македонски народен театар.

Оперскиот ансамбл бил конституиран во 1947 година (првата оперска премиера, „Кавалерија рустикана“, е изведена на 9 мај 1947), а балетскиот во 1949 (првата балетска премиера, „Валпургиска ноќ“, е изведена на 27 јануари 1949). И двата ансамбли работеле во рамките на МНТ.

Моделот на театарска организација (драма-опера-балет) е променет во 2004 година, кога МНТ го задржал драмскиот ансамбл, а операта и балетот станале посебна институција – Македонска опера и балет, подоцна НУ Национална опера и балет. Од тогаш до денес на сцената се изведени огромен број дела од светската оперско-балетска литература кои се на репертоарот на најголемите сцени во светот. При тоа се реализирани огромен број на гостувања на познати европски и светски уметници и автори.
Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било потстрек да се востанови фестивалот „МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ“ во 1972 г.

Фестивалот „Мајски оперски вечери“ е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава ќе се одржи по 53. пат, што навистина претставува бројка за почит. На фестивалот, но и во тековниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.

