Под наслов „Договорите меѓу Бугарија и ПЈРМ се порака до соседите“, грчкиот весник „Та Неа“ се осврнува на десетте потпишани билатерaлни договори, меморандуми и протоколи за сорaботка на првата заедничка седница на владите на двете земји одржана вчера во Струмица, пренесува МИА.
Договорите се за соработка во секторите на енергетиката, одбраната, туризмот и технологиите, а компетентните министри потпишаа договор за проучување на мартшрути за изградба на нова гасна врска меѓу двете земји. Во тоа истражување ќе биде земен предвид и текот на реализиција на гасните врски меѓу Грција и Бугарија, и Бугарија и Турција, јави БТА повикувајќи се на грчкиот весник.
„Та Неа“ го цитира македонскиот премиер, дека со договорите политичките раководства на двете земји испратиле силна порака кон регионот и целиот свет, дека на тој начин се гради пријателство, се спроведува политика на добрососедство, се развива соработка и се обезбедува долгорочна стабилност.
Исто така се истакнува дека бугарскиот премиер ја поддржал перспективата за членство на Македонија во НАТО и ЕУ и оти следното бугарско претседателство со Европскиот совет, како и следните претседателства на Австрија, Романија, и Хрватска ќе треба да бидат искористени со цел во следните две години да има реален напредок во однос на европската перспектива на Западен Балкан, а во тие рамки и на Македонија.
Во текстот се истакнуваат и дадените уверувања на двајцата премиери, дека до крајот на годината Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји и оти се чека одговор од Бугарската православна црква на писмото од МПЦ во кое македонската црква побара од бугарската да и биде „црква –мајка“.
Во врска со ова „Та Неа“ пишува дека „православната црква на ПЈРМ во 1967 еднострано се отцепи од српската патријаршија и објави автокефалност, која не ја признава ниту една православна црква во светот“.