Косовскиот претседател Хашим Тачи остро реагираше на изјавата на екс-лидерот на движењето „Самоопределување“ и актуелен пратеник во косовскиот Парламент, Албин Курти, дадена во Тирана, во која предупреди дека „во следните 4 до 5 години, има шанси во Косово повторно да дојде до војна поради демаркацијата на границата со Црна Гора“.
Тачи за весникот „Експрес“ изјавата на Курти ја оцени како „смешна, апсурдна, опасна и неприфатлива“, нагласувајќи дека „војната во Косово завршила со прогласувањето на независноста“.
– Со прогласувањето на Косово за независна и суверена држава зацврстени се мирот, стабилноста и соработката во западен Балкан. Уште повеќе слободата и независноста на Косово стави крај на крвавите војни од минатиот век, изјави Тачи.Но, секогаш има разни актери кои не се согласуват и не го прифаќаат мирот и соработката поради разни причини. Затоа, според Тачи, претензиите и повикот за војна и конфликт колку што се смеши и апсурдни, толку се и опасни и неприфатливи.
– Ги повикувам граѓаните да не потпаѓаат под влијание на вакви потикнувачки изјави и повици за војна. Косово има сопствени државни институции кои заедно со НАТО се грижат за слободата и територијалниот интегрите на Република Косово, им порача Тачи на граѓаните на Косово.
На неговата изјава веднаш реагираше Курти.
– Така наречениот претседател на Косово, покрај другото, вели дека мојата изјава била и смешна, но и опасна. Како може да биде смешна, а во истовреме и опасна? Но, можно е кога еден игнорант се инсталира како „претседател“. Се согласувам дека (поранешната претседателка на Косово) госпоѓа Јахјага беше пологичен избор од овој абдал!, напиша Курти на својот профил на Фејсбук.
Тој го повтрува ставот дека договорот со Црна Гора е „договор за капитулација на Косово“ и оти со издејствувањето да се повлече договорот за демаркација на границата од дневен ред на Парламентот неговата партија „на Косово му спасила 8.200 хектари површина“.