ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните. Незадоволството во политичка смисла, на овие избори му се „фактурира“ на Заев и социјалдемократите.
Резултатите од првиот круг од локалните избори одржани на 17 октомври, покажаа дека Албанците во земјата се задоволни од локалната власт предводена од ДУИ.
Победничка атмосфера кај ДУИ
Во пресрет на вториот круг на изборите, победата на ДУИ е само на ниво на гласови, но не и на квалитативно ниво, односно по бројот на избраните градоначалници. ДУИ, според финалните резултати од ДИК во првиот круг победи во Сарај, Липково и Пласница. Во вториот круг влегува со предност во Тетово, Чаир, Струга, Боговиње, Теарце, Желино, Арачиново, Долнени а во Чашка и Кичево се позиционира на второ место.
Овој резултат на ДУИ во одредени општини е добиен и со поддршка на дел од гласовите на членовите и на симпатизерите на СДСМ, со кого партијата на Ахмети беше во предизборна коалиција. Без разлика на оваа поддршка, овој резултат е и над очекувањата на самата ДУИ, која на овие избори за прв пат ја испроба формулата на „зелената агенда“, во обид да го напушти брендингот на партија со исклучиво етничка агенда, произлезена од војната во 2001 година, која потоа се залагаше за строго почитување и спроведување на Охридскиот договор.
Првиот заменик премиер од редовите на ДУИ, Артан Груби смета дека победата на ДУИ е спектакуларна. „Победата на ДУИ може да се спореди со таа од 2014, кога на парламентарните избори освои 153 илјади гласови. Сите други партии на Албанците заедно имаат 2/3 од поддршката на ДУИ на овие избори”, изјави Груби.
ДУИ има долга историја на политичката сцена а имајќи предвид дека гласачкото тело во земјата е клиентелистички ориентирано, дел од гласовите на оваа партија се добиени токму поради клиентелистичките односи на дел од гласачите.
ДУИ заедно со СДСМ учествува во влада, која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоењето на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните. Незадоволството во политичка смисла, на овие избори му се „фактурира“ на Заев и социјалдемократите. Споредувајќи со резултатите на владиниот партнер СДСМ, ДУИ, која освои 105 илјади гласови, чувствува и манифестира триумфализам во албанското гласачко тело, иако на изборите настапуваше во интеретничка – партиска коалиција.
Во вториот круг ДУИ ќе се соочи со владиниот партнер Движењето БЕСА и со коалицијата меѓу Алијанса на Албанците и Алтернатива. Во Арачиново со СДСМ, а во Кичево со ВМРО – ДПМНЕ. Во Тетово, кандитатот на ДУИ Теута Арифи ќе се соочи со лидерот на БЕСА, Билал Касами. Во Желино поранешниот градоначалник од ДУИ, Фатмир Изаири ќе се соочи со актуелниот градоначалник Блерим Сејдиу. А во другите општини ќе се соочи со кандидатите на Алијанса и Алтернатива. Во поголемиот број на оштини кандидатите на ДУИ влегуваат како освојувачи на најголем број на гласови.
Опозицијата со помалку гласови од минатите избори
Алијанса на Албанците и Алтернатива на овие избори настапија како коалиција но и во соработка со ВМРО-ДПМНЕ, а резултатот од околу 62 илјади гласови е разочарувачки во прв ред за активното членство. И покрај големото незадоволство кое се искажуваше на различни начини кон градоначалниците на ДУИ, албанската опозиција не успеа да го капитализира и да го претвори во глас против локалната власт на интегративците на Ахмети.
Извор: shutterstock.com (фото: Aleksandar Mijatovic)
Негативниот резултат на првиот круг на изборите, партиите на Зијадин Села и Африм Гаши ќе се обидуваат да го амортизираат во вториот круг со освојување на градоначалнички места во Гостивар, Дебар и Врапчиште, каде влегуваат како фаворити. А во Чаир, Боговиње и Теарце е зад ДУИ.
Вториот обид е преку соработката со Движењето БЕСА за поддршка на кандидатот Билал Касами во Тетово, а како компензација ја добиваат нивната поддршка во општините во кои се натпреваруваат со ДУИ. Категорично против оваа соработка беше еден од партнерите на коалицијата, партијата Алтернатива, која произлезе од БЕСА поради несогласувањата кои ги имале во врвот на партијата. Но, Алтернатива објави дека нема никаква комуникација со БЕСА, но секој член е слободен да поддржи кого сака во вториот круг, не исклучувајќи го и Касами.
Победата во два градoви, но и во руралната општина Врапчиште и/или евентуално и во некоја друга од трите општини, ќе им го обели образот на Села и на Гаши. Ако се случи спротивното, ќе се соочуваат со политичка одговорност пред членството на партиите. Ова особено може да се случи ако изгуби кандидатот на коалицијата Идри Истрефи во Струга, од каде доаѓа Села и ако истата судбина ја има кандидатот на коалицијата, Беким Сали во општина Чаир, која партијата на Гаши го смета како бастион.
БЕСА изненади со Касами во Тетово
Движењето БЕСА на овие избори освои околу 25 илјади гласови. Оваа владина партија изненади со Билал Касами, кој влезе во вториот круг во Тетово, исто како и на минатите локални избори во 2017 година, кога во вториот круг изгуби од Теута Арифи. Овој резултат се должи пред се на фактот дека Касами е лидер на партија на власт, која целокупниот политички потенцијал го насочи во овој град.
Вториот фактор е преслабата и анонимна кандидатура на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Бизнисменот Вулнет Мурсели во овој град беше промовиран пред јавноста само три недели пред изборите, а неговиот резултат ги надмина и најпесимистичките предвидувања за резултатот на оваа коалиција.
Касами во вториот круг влегува како опозициски кандидат, поддржан од Алијанса на Албанците и ова му дава изборна фаворизација, иако неговата партија е во владина коалиција. Евентуалната победа на Касами во Тетово, како политички центар на Албанците ќе ја зајакне неговата партија на политичката сцена во земјата.
Во општините каде живеат Албанците излезноста на изборите е помала од вкупната излезност од 50 %, што покажува дека кај дел од нив владее политичка апатија и отсуство на волја за политичко – демократска партиципација. На ова секако придонело и лошото владеење на локалните власти во општините, каде има концентрација на етничкото албанско гласачко тело.
Во вториот круг, во албанскиот блок ќе има интересна битка за гласови при што секој глас е битен. ДУИ, ако го потврди резултатот од првиот круг, ќе се повикува на политичкиот легитимитет на Албанците во земјата, како политички капитал за следните (редовни или вонредни) парламентарни избори. Од друга страна, евентуалниот неуспех на БЕСА на изборите во Тетово ќе придонесе да оваа партија го преиспита своето учество во владата на Зоран Заев. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека во Тетово ќе одлучуваат самите поддржувачи на социјалдемократите.
Излегувањето на партијата БЕСА од владата ќе води кон евентуално формирање на ново парламентарно мнозинство од страна на ВМРО – ДПМНЕ, со Христијан Мицкоски како премиер. Без разлика на нивниот резултат во вториот круг, се чини дека Алијансата на Албанците и Алтернатива безрезервно би го поддржале ова мнозинство.