ТАНЕЦ: „ПЕЧАТ НА ВРЕМЕТО“ ИЗВОРНИ МИНИЈАТУРИ

Сподели

 

Дом на АРМ, 8 aприл, ИЗВОРНИ МИНИЈАТУРИ
Концерт на Н. У. Ансамбл за народни игри и песни ТАНЕЦ

Во овој период од седумдесет и три години, народните игри и песни во Македонија оформија свој единствен, препознатлив музичко-сценски жанр. Професионалниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е клучот на таа еволуција, кој и денеска продолжува да го стандардизира сценскиот фолклор пред македонската и меѓународната публика. „Танец“ ја фузионира и амалгамира богатата македонска фолклорна традиција, создавана во сите региони и на сите песнопојни и играорни подрачја. Тој е главната сила што стои зад еден врвен сценскиот репертоар, кој брои повеќе од деведесет кореографски постановки. „Танец“ значел многу во минатото, значи и за сегашноста, но уште повеќе ќе значи за иднината, кога изворниот фолклор целосно ќе исчезне од неговата природна средина и ќе остане да опстојува единствено во архивите и на сцените. Во таа смисла, „Танец“ ќе стане еден од главните столбови, паметникот и фундаментот на македонскиот народен бит од кој ќе црпат знаења сите културно-уметнички друштва во земјава и светот, сите вљубеници во нашата игра и песна и сите истражувачи на македонскиот фолклорен идиом.
Серијата концерти насловени „Изворни минијатури“ е посветена на изворите. Програмата е конципирана врз фрагменти, односно избор од автентични фолклорни творби врз кои се темелат познатите кореографии на ансамблот. Опфатени се карактеристични напеви и ора од различни делови на нашата земја, кои за цел имаат да го претстават раскошот на македонските играорни и мелопоетски дијалекти кои егзистираат на наше тло, а кои низ овие седум децении се вешто вградувани во репертоарот на „Танец“. Низ овој концертен циклус, публиката ќе може да ги препознае изворните бисери кои со години ги слушала во рамките на антологиските кореографии на „Танец“, а тоа се ората како Адана, Тоска, Петрунино, Глувонемо, Трченица, Ситна Лиса, но оние фолклорни добра кои нѐ мапираа на светската карта на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, нашето пијанечкото оро Копачка и типичното машко двогласно пеење од Долни Полог.
Проектот „Изворни минијатури” е замислен како сценско-едукативен караван низ неколку градови на земјата, со кој ансамблот се враќа кон изворите, односно кон никулците од кои р’ти репертоарот на ансамблот „Танец“. Ова концертно потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и музичко-сценски фолклор ќе биде изведено од соодветена традиционална изведувачка формација, составена од врвните играорци и музичари на македонски изворни инструменти од редот на вработените во НУ „Танец“.
 
ПРОГРАМА:
Тешкото
(Изворно оро во сценска адаптација од 1950 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Глувонемо
(Изворно оро во сценска адаптација К’лц нога од 2004 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
„Рашири оро, девојко“
(Изворна песна)
Исполнува: Машко вокално трио на „Танец“
„Лено, Јелено“
(Изворна песна)
Исполнува: Машко вокално трио на „Танец“
Копачка
(Изворно оро во сценска адаптација од 2005 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Ситното
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Пијанец“ од 2013 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
„Там дек ќе падни мојта руса коса“
(Изворна песна)
Исполнува: Женско вокално трио на „Танец“
„Ој јаворе, јаворе“
(Изворна песна)
Исполнува: Женско вокално трио на „Танец“
„Тури мајко, тури“
(Изворна песна)
Исполнува: Машко вокално трио на „Танец“
Машкото
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Солунка“ од 1973 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
На три пата
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Рудо јагне“ од 2001 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Патрунино
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Егејка“ од 2018 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Малешевка
(Изворно оронструментална изведба на оро фрагмент од кореографската постановка „Малешевка“ од 2010 година)
Исполнува: Изворниот оркестар на „Танец“
„Задремала, џанам, млада невеста“
(Изворна песна)
Исполнува: Женско вокално трио на „Танец“
„Димитрија, деј гиди, џанам“
(Изворна песна)
Исполнува: Машко вокално трио на „Танец“
Кукурику петле
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Радовишки собор“ од 2019 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Тоска
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Радовишки собор“ од 2019 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Треченица
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Радовишки собор“ од 2019 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
„Ој, Јеленчице“
(Изворна песна)
Исполнува: Женско вокално трио на „Танец“
„Ајде, мала Стана, болна лега“
(Изворна песна)
Исполнува: Женско вокално трио на „Танец“
Адана
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Раштак“ од 2015 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Ситна лиса
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Раштак“ од 2015 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Женско крстено
(Изворно оро, дел од кореографската постановка „Ѓурѓовден“ од 1966 година)
Изведува: Ансамбл „Танец“
Директор: М-р Мартин Вучиќ
Уметнички раководител: М-р Бранка Костиќ – Марковиќ, етномузиколог
Уметнички раководител на оркестарот: М-р Дарко Илиевски
Уметнички раководител на хорот: М-р Гоце Цоневски
Уметнички раководител на играорниот кор: Јовица Блажевски
Асистент на играорниот кор: Весна Митоска