Течат роковите за приговори до ДИК, партиите продолжуваат со изборните активности

Сподели

Во вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржат на 8 мај заедно со парламентарните избори, одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои освоија најмногу гласови според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија.

Во тек се роковите за приговори до ДИК, кои можат да ги поднесат кандидатите за постапката на гласање и за сумирањето на резултатите.

До денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа.

Како што вчера појасни претседателот на ДИК Александар Даштевски, кандидатите доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Првичните официјални резултати што вчера ги објави Државната изборна комисија покажуваат дека на гласање излегле 905.971 граѓанин односно дека одѕивот бил 49,93 проценти.