Тел Авив нападнат од Хамас – вонредна состојба во Израел

Сподели

 

Најмалку 300 луѓе загинаа во Израел, а повеќе од 1.590 се ранети во голем напад на Хамас од Појасот Газа.

Ситуацијата во Израел сè уште не е целосно под контрола, бидејќи борбите со инфилтрираните милитанти на Хамас сè уште траат на југот на земјата. Во ненадеен напад, борците на Хамас упаднаа во Израел на неколку локации и зедоа како заложници десетици војници и цивили.

 

 

Портпаролот на израелската армија рече дека големиот број цивилен и воен персонал земен како заложник од Хамас, во саботниот ненадеен напад врз израелските градови во близина на Газа, ќе ја обликува иднината на војната и она што Израел ќе го направи против Хамас.

Вооружени лица на Хамас дивееја низ израелските градови во саботата, убивајќи и заробувајќи десетици цивили и војници во ненадеен напад, а Израел одговори со масовни воздушни напади врз Газа.

 

Вонредната состојба се прошири на целата територија на Израел, изјави Израелскиот министер за одбрана. 

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху рано утрово изјави дека неговата земјата почна долга и тешка војна и дека првата фаза ќе биде завршена во наредните часови.

– Првата фаза завршува во овие часови со уништување на поголемиот дел од непријателските сили кои навлегоа на нашата територија. Во исто време, започнавме офанзива и тоа ќе продолжи без резерва и без одмор, до постигнување на целите. Ќе ја вратиме безбедноста на граѓаните на Израел и ќе победиме, истакна Нетанјаху по состанокот на Владата.

Меѓу одлуките донесени од кабинетот за безбедност е и прекинот на снабдувањето со електрична енергија, гориво и артикли на Појасот Газа.

Израелската Влада одобри уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас.

Хамас истрела 150 проектили кон Тел Авив, објави вооруженото крило на милитантната група Хамас.

Бригадите „Из ас-дин ал-Касам“ соопштија дека нападот бил извршен како одговор на бомбардирањето на кули во центарот на Газа, објавија тие на Телеграм.