Тензично на Лерос: Тепачки и инциденти меѓу бегалците и жителите на островот

Сподели

migranty-napali-na-policeyskih-na-grecheskom-ostrove-leros

Насилни инциденти избија на грчкиот остров Лерос викендов, за време на протестот на група бегалци кои реагираа на условите за живот во бегалскиот камп на островот. За време на протестот, поради недоразбирање меѓу бегалците и полицијата, физички беше нападнат шефот на полицијата, што предизвика масовна тепачка во центарот на градот и конфронтации меѓу бегалците и жителите на островот.

Инцидентот почна во центарот на градот, со протест на околу 200 бегалци кои живеат во затворениот центар на островот. Според локаланите интернет-медиуми, бегалците реагирале на условите во центрите каде се сместени, во кои, како што велат, има многу проблеми, поради што се плашат за своите животи.

На протестот се појавил и градоначалникот на островот, Михалис Колиас, заедно со шефот на полицијата и со неговите советници, за да испитаат за што станува збор. Тие биле информирани за ситуацијата во кампот од претставник на невладина организација, кој бил заедно со бегалците. Градоначалникот објаснил дека не постои друг центар каде би можеле да ги пренесат, порачувајќи им на бегалците дека мора да се вратат во центарот. Тој, исто така, им ветил дека ќе биде испитана ситуацијата и проблемите за кои се жалат.

Според информативната интернет-страница „Леросњуз“, бегалците не сакале да заминат, а во исто време почнале и провокации од страна на граѓаните на Лерос кон бегалците. Поради тоа била повикана полицијата да се обиде да воспостави ред и да не дозволи ситуацијата да излезе од контрола. Меѓутоа, при појавувањето на припадниците на специјалните полициски сили, без полицијата да има можност да објасни за што станува збор, десетина бегалци физички го нападнале шефот на полицијата. Во моментот настанала мешаница и тепачки меѓу бегалците, граѓаните и полицијата.

Поради судирите, целиот викенд ситуацијата на островот беше тензична. Граѓаните вербално напаѓаа волонтери и членови на невладините организации и на УНХЦР, кои им помагаат на бегалците, а имаше и обиди жители на островот да влезат во бегалскиот центар за да се пресметаат со бегалците.

Градоначалникот на Лерос реагираше дека полицијата не ја врши добро својата работа на островот и остро ја критикуваше власта, коментирајќи дека првичниот договор бил бегалците само да се регистрираат на островот и потоа да заминат во другите бегалски центри, а не да се дозволи островот да стане бегалски центар.

„Немавме таков договор со владата. Лерос е мал остров и не може да прифати голем бран бегалци. Мигрантите константно прават проблеми, главно меѓусебни и тоа резултира и со реакции од граѓаните. Ако владата остане глува на оваа ситуација, ќе почнеме наскоро да жалиме по жртви“, истакнал градоначалникот Колиас.

На островот, според официјалните владини бројки, има 690 бегалци.

meta.mk