Првиот кинески носач на авиони од домашно производство утринава вплови од пристаништето „Далиен“ во кинеската покраина Љаонинг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кинескиот гигант на вода под официјалното име „Type-001A“ со пригодна свеченост е испратен од пристаништето, а Кинеската државна телевизија „CCTV“ објави дека во текот на првата пловидба ќе бидат тестирани системите за комуникација, противпожарните системи, електромеханичките и другите постројки.
За време на пловидбата за тестирање на бродот нема воени авиони и оружје.
Изградбата на бродот во 2012 година ја започна кинеската компанија CSIC, а станува збор за пловило до должина од 315 метри, широчина од 75 метри, а тешко околу 50.000 тони.
На палубата се наоѓа рампа за исфрлање на воените авиони во воздух со помош на специјални пружини, а првата пловидба за тестирање би требало да трае шест месеци.
Меѓу ретките технички карактеристики кои ѝ се достапни на јавноста е дека Type-001A во идните пловидби ќе носи и до 40 бомбардери J-15.
Покрај Кина, само уште шест земји во светот во инвентарот на оружените сили имаат бродови – носачи на авиони.